ПочетнаСВЕТСАД под удар на екстремна жештина: „Топлотната купола“ носи високи температури, како...

САД под удар на екстремна жештина: „Топлотната купола“ носи високи температури, како се борат навивачите на мундијалот

„Топлотната купола“ ги зафати централните и источните делови на Соединетите Американски Држави оваа недела со температури што достигнуваат до 43 степени Целзиусови, поради што Националната метеоролошка служба издаде официјални предупредувања за Канзас Сити, Бостон и Њујорк.

Се очекува индексот на топлина, кој ја зема предвид комбинацијата од влажност и температура на воздухот, да биде далеку над повеќегодишниот просек.

Мерки за заштита на стадионите и фан-зоните

За да се спречат болести предизвикани од екстремни температури, градските власти и раководството на стадионите обезбедија зголемен пристап до сенка, места за ладење и вода за пиење. Дополнителен медицински персонал е стациониран во фан-зоните, подготвен да интервенира во случај на здравствени проблеми.

Посебен фокус е насочен кон спортистите, кои се прилагодуваат на новите услови со намалување на интензитетот на играта и бројот на спринтови. Воведени се задолжителни паузи за ладење за време на натпреварите, додека професионалните тимови ја следат состојбата на играчите за да избегнат топлотен удар поради физички напор.

Совети за превенција од експерти

Навивачите кои поминуваат часови на отворено, за време на патувања или прослави, припаѓаат на најранливата категорија од населението. Меги Алдусани, клинички професор по кинезиологија и спортски науки на Универзитетот во Мајами, нагласува дека клучот е да не се чека моментот на жед за да се пијат течности.

За да се заштитите за време на екстремна топлина, експертите советуваат редовна хидратација со ладни пијалоци пред и за време на натпреварите.

Исто така, потребно е да се избегнува директно изложување на сонце и да се ограничат физичките напори. Покрај тоа, според професорот Алдусани, клучно е да се ограничи консумирањето алкохол за да се одржи стабилна телесна температура.

Дополнителна претпазливост се препорачува за постарите лица, како и за секој што е на одредена терапија со лекови, бидејќи овие групи се значително посклони кон побрзо зголемување на телесната температура.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП