Сонцето уште не е качено до највисоката точка, а бетонските плочи веќе печат. Железото на скелињата гори под прстите, прашината се лепи на лицето, а маиците на работниците се жива вода уште пред пладне. На 40 степени, градилиштата не запираат. Машините бучат, крановите се вртат, цементот се меша. А луѓето?
Луѓето молчат и работат.
„Што да правиме, мора да се издржи. Ако не дојдеш, нема дневница“, вели еден градежен работник, со шише вода во раката и пешкир околу вратот.
Зборува кратко. Нема многу филозофија кога под нозете имаш врел бетон, а над глава сонце што не простува.
На скелињата, летото не е сезона за одмор. Таму е ризикот. Еден погрешен чекор, една вртоглавица, едно заматување пред очи и работниот ден може да заврши трагично. Работниците велат дека најтешко е меѓу 11 и 16 часот, кога воздухот не се движи, а металните конструкции се толку жешки што не можат да се допрат без ракавици.
„Пиеме вода, се ладиме колку што можеме, ама има моменти кога телото едноставно ти откажува. Нозете ти тежат, главата ти бучи, а работата не чека“, раскажува друг работник од градилиште во Скопје.
Работното време може да се приспособи, работниците треба да имаат паузи, вода, сенка, заштитна опрема и услови што нема да им го загрозат здравјето. Но, на терен често важи друго правило. Роковите се кратки, инвеститорите притискаат, мајсторите се барани, а дневницата е важна за секој што носи плата дома.
И тука почнува проблемот.
Познавачите на состојбите во градежништвото велат дека високите температури одамна не се само временска непријатност, туку сериозен безбедносен ризик. Топлотен удар, дехидрација, пад на концентрацијата, вртоглавица, срцеви проблеми. Сето тоа не е теорија. Тоа е секојдневие на луѓето што работат на отворено.
„Кога температурата се приближува до 40 степени, работата на висина, со тежок физички напор, станува опасна. Не е доволно само да им се каже на работниците да пијат вода. Треба организација, контрола и прекин на работа кога условите се небезбедни“, велат експерти за безбедност при работа.
Но, кој прекинува работа кога багерот е веќе на терен, кога бетонската мешалка е нарачана, кога станбената зграда треба да се заврши до договорениот рок?
На градилиштата најчесто се гледа истата слика. Работници со капи под шлемовите, раце изгорени од сонце, лица покриени со прашина. Некои бараат сенка покрај ѕид што уште нема прозорци, други седнуваат на вреќи цемент, на кратко. Пет минути. Десет, ако има среќа.
„Најлошо е кога треба да качуваш материјал. Тогаш не те спасува ни вода ни ништо. Само гледаш да издржиш до пауза“, вели работник кој со години е во градежништвото.
Синдикалците предупредуваат дека проблемот се повторува секое лето, но реакциите најчесто доаѓаат откако температурите веќе ќе станат неподносливи. Според нив, работата на отворено мора да се планира порано наутро и подоцна попладне, а најжешкиот дел од денот да не се третира како обично работно време.
„Работникот не е машина. Не може да се очекува човек да носи арматура, да мести оплата или да работи на скеле кога температурата е опасна за здравјето“, велат од синдикалните кругови.
Проблемот е и во тоа што многу работници не пријавуваат кога им е лошо. Се плашат дека ќе изгледаат слаби. Се плашат дека ќе изгубат работа. Се плашат дека утре нема да ги повикаат. Така, вртоглавицата се премолчува, главоболката се трпи, а слабоста се покрива со уште едно шише вода.
И додека градот се крие под клими, градежниците остануваат надвор. На плочите, на скелињата, покрај мешалките. Таму каде што летото не е слика од плажа, туку мирис на жежок бетон и прашина во грло.
Б.З.М.



