Бројот на милијардери ширум светот се зголеми за речиси 13,1% на рекордни 3.302 во минатата година благодарение на значителниот раст во САД и Азија, објави „UBS Group“, цитиран од „Bloomberg“.
Милијардерите ги зголемија своите комбинирани средства за 25% во годината до април 2026-та година, надминувајќи го вкупниот раст на глобалното богатство, забележа најголемата швајцарска банка во својот извештај за глобалното богатство објавен во вторник.
Банката идентификуваше 18 лица со богатство помеѓу 50 и 100 милијарди долари и уште 19 со средства над 100 милијарди долари. 15 од нив се во САД.
Во извештајот се вели дека глобалното лично богатство пораснало за 10,8% во 2025-та година, што е најбрзото темпо од 2017-та година, надминувајќи ги зголемувањата од 4,6% во 2024-та година и 4,3% во 2023-та година. Минатата година се појавија речиси еден милион милионери повеќе, со раст на сите пазари што ги следеше „UBS“.
Соединетите Американски Држави, каде што повеќе од 440.000 луѓе станаа нови милионери во американски долари, учествуваа со речиси половина од растот.
Бидејќи податоците се мерат во долари, дел од растот се објаснува со релативниот пад на американската валута минатата година, што ја зголеми вредноста на средствата што се чуваат во други земји.
Значи, богатството во американски долари непропорционално брзо порасна во Европа, главно поради девалвацијата на доларот во однос на еврото минатата година, забележа „UBS“.
И покрај „широките подобрувања во животниот стандард“, според „UBS“, поддржани од зголемувањето на нефинансиските средства како што се недвижностите, податоците покажуваат проширување на економскиот јаз, при што просечното богатство опаѓа на повеќето глобални пазари.
„Во земјите со високо учество на капиталниот пазар, ова води до зголемување на богатството“, изјави економистот на „UBS“, Џејмс Мазо.
За извештајот, „UBS“ анализираше 56 пазари, кои сочинуваат повеќе од 92% од светското богатство.



