„Fiat“ претстави цела серија нови концепти и специјални верзии наменети за урбана мобилност, но најголемо внимание привлече новиот „Multipla“.
Станува збор за сосема ново електрично градско возило кое треба да биде попрактично од „Topolin“, да нуди четири седишта и да стане еден вид врска помеѓу квадрицикл и класичен автомобил.
Покрај него, „Fiat“ претстави и нови верзии на „Topolin“, специјална колекционерска серија развиена со модната марка „Vilebrequin“ и патничка верзија на електричниот трицикл „TRIS“.
Враќањето на легендарното име
Новиот модел моментално го носи работното име „Multipla“, а „Fiat“ му оддава почит на легендарниот модел „600 Multipla“ од 1956-та година, еден од првите компактни „MPV“ возила во светот.
Директорот на „Fiat“ и „Abarth“, Оливие Франсоа, претходно објави дека сака да го врати името „Multipla“ во модерна верзија, а сега е официјално потврдено дека овој автомобил ќе стане важен дел од идната понуда на брендот.
Четири седишта и поголема моќност
Според досега познатите информации, „Multiplina“ нема да припаѓа на идното семејство на мали електрични автомобили „Stellantis“, туку ќе биде развиена како квадрицикл во категоријата „L7e“.
Ова значи дека нема да има исти ограничувања како „Fiat Topolin“ или „Citroën Ami“, кои имаат моќност до 6 kW и максимална брзина од 45 km/h.
Благодарение на помоќниот мотор, „Multipla“ треба лесно да носи четири патници, да биде погодна за возење надвор од градот и да понуди побогата опрема. Меѓу очекуваните карактеристики се споменува климатизацијата, а концептот покажува две врати, лизгачки покрив од ткаенина и многу пространа кабина со четири седишта.
Првото јавно појавување би можело да се случи уште на Саемот за автомобили во Париз во октомври 2026-та година, додека продажбата се очекува да започне во 2028-ма година.



