Не почнува секогаш со голема кавга со шефот. Ниту со отказ. Ниту со драматична одлука дека од понеделник човек ќе бара нова работа. Понекогаш почнува многу потивко. Со тешко станување наутро. Со гледање во часовник уште во 10 часот. Со она чувство дека не си уморен само од работа, туку од самата помисла дека пак треба да одиш таму.
Многумина денес не велат отворено дека ја мразат работата. Велат дека се „презаситени“, дека „немаат волја“, дека „не им е денот“. Но кога истото чувство се повторува со недели и месеци, веќе не станува збор за лош ден. Станува збор за проблем што полека го јаде човекот.
Експертите за работни односи велат дека најчеста причина не е самата работа, туку чувството дека трудот нема смисла.
„Луѓето можат да издржат напорна работа ако знаат зошто ја прават и ако чувствуваат дека некој го гледа нивниот труд“, велат познавачи на пазарот на труд. „Проблемот почнува кога работникот станува само бројка во распоредот“.
Тоа најмногу се гледа во фирми каде што задачите се множат, а платата стои во место. Денес едно лице работи работа за двајца, утре за тројца. На почетокот се молчи. Се вели, ќе помине. Па доаѓа уште една обврска. Па уште една. На крај човекот веќе не знае што му е работно место, а што туѓа задача што случајно завршила на неговата маса.
Економистите предупредуваат дека ниските примања се голем дел од незадоволството, но не се единствениот проблем. Платата е важна, нормално. Сметките не се плаќаат со пофалби. Но дури и кога платата е пристојна, лошата атмосфера може да направи човек секое утро да оди на работа со камен во стомакот.
„Работникот не заминува секогаш поради пари. Многу често заминува поради односот“, велат економистите. „Кога нема почит, нема разговор и нема јасни правила, незадоволството расте побрзо од секоја плата“.
Една од најголемите маки е чувството дека си постојано достапен. Телефонот ѕвони и по работно време. Пораките стигнуваат навечер. Викендот станува резервен термин за „само ова да се заврши“. А тоа „само ова“ никогаш не е само едно.
Тука почнува заморот што не се лечи со еден слободен ден. Човек спие, а пак е уморен. Седи дома, а главата му е во работата. Јаде, а мисли на рокови. И полека, место работата да биде дел од животот, животот станува нешто што се прави меѓу две смени, две пораки и два состаноци.
Друг голем проблем е неправдата. Еден работи, друг се провлекува. Еден добива забелешки за секоја ситница, друг добива насмевки и кога не испорачува ништо. Ваквата атмосфера брзо создава горчина. Не мора никој да го каже тоа гласно. Се гледа во канцеларија. Во молкот. Во кратките одговори. Во луѓето што повеќе не предлагаат ништо, затоа што научиле дека нема поента.
Познавачите на човечки ресурси велат дека токму тоа е алармот што многу компании го игнорираат.
„Најопасен работник не е оној што се жали. Најопасен сигнал е работникот што престанал да зборува“, велат тие. „Тој веќе не се бори да промени нешто. Тој во глава веќе заминал“.
Има и уште една работа што ретко се кажува: многу луѓе не ја мразат професијата, туку местото каде што ја работат. Не мразат продажба, администрација, новинарство, производство, услуга или канцелариска работа. Го мразат хаосот. Го мразат газењето преку луѓе. Го мразат чувството дека секогаш треба да бидат благодарни што воопшто имаат работа.
А тоа чувство долго се собира. Ден по ден. Па еднаш ќе пукне. Некој ќе даде отказ. Некој ќе остане, ама ќе работи колку да помине денот. Некој ќе стане нервозен дома, со луѓето што најмалку му се виновни.
Работата не мора да биде љубовна приказна. Никој не очекува секој понеделник да почнува со насмевка до уши. Но ако секое утро почнува со тежина, ако секој ден личи на казна и ако човек се радува само кога не е таму, тогаш проблемот веќе не е во „лошата недела“.
Проблемот е во системот што го троши човекот, а потоа се чуди зошто повеќе нема волја.
Б.З.М.



