На средина на оваа календарска година Денар подготви пресек за реализацијата на државниот буџет. Како главни поенти во оваа анализа се опфатени приходната и расходната страна, потоа реализацијата на капиталните проекти, но и нивото на задолжувања, односно висината на државниот долг.
Во однос како тоа се собираат но и како се трошат народните пари според проекцијата е на некое добро ниво, нема големи отстапки и во прогнозите за текот на капиталните инвестиции, но тоа што загрижува е долгот на државата кој и натаму се продлабочува.
Да одиме со ред, заклучно со 26 јуни во државната каса биле собрани точно 167 435 милиони денари, а тоа претставува 44 отсто од планираните средства кои треба да влезат во државната каса во тој период. Што се однесува до расходната страна, односно трошењата на државата, податоците на Министерството за финансии покажуваа дека во истиот период биле потрошени 203 836 милиони денари или во проценти тоа изнесува нешто над 49 отсто од планиранитге расходи.
Кога сме кај најзначајните проекти за државата, односно капиталните инвестиции, заклучно со анализираниот период тие се на ниво од 47,7 отсто од предвидената реализација и за оваа намена државата потрошила 19 милијарди 146 милиони денари. И мора да се напомене дека оваа реализација е една од најдобрите по последните години во однос на тоа што е предвидено со буџетот на тековната година.
Кога станува збор задолжувањата на државата, односно долгот тој изнесува 9 милијарди 389,5 милиони денари. Во однос на Бруто домашниот производ тој е 51,5 отсто.
Ваквите податоци може да се каже дека даваат оптимизам за периодот што следи. Приходите и расходите се речиси на средина, тука некаде е и реализацијата на капиталните проекти, само загрижува задолжувањето кое секако освен нови инвестиции, тие средства од заемите се искористуваат и за покривање на буџетскиот дефицит. И во првите шест месеци од годинава ресорното министерство објавува дека државата повеќе троши отколку што има.
За властите состојбата со државната каса е добра и стабилна но потенцираат дека цела година опозицијата обвинува дека државата е пред колапс, но во реалноста според нив се случува спротивното. Властите апелираат да не се шири паника кај граѓаните, велат се е во ред.
Доколку Буџетот ги сервисира сите обврски навреме и не воведува дополнителни товари за граѓаните и компаниите, тоа јасно покажува дека јавните финансии се стабилни и во добра кондиција. Нашите политики се насочени кон фискална консолидација, транспарентност и градење доверба кај инвеститорите и јавноста“, велат од Министерството за финансии.
Она што сега следува е ребалансот на буџетот кој за некој ден треба да се најде пред пратениците. Со прекројувањето на државната каса владата има намера да потроши речиси 200 милиони евра повеќе од планираното. А со тоа ќе се зголеми и предвидениот буџетски дефицит од 3,5 на 4 %.
И.П



