Националната земјоделска мрежа упатува јавен апел лично до премиерот Христијан Мицкоски за итна смена на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Земјоделците изразуваат сериозно незадоволство од досегашното раководење со ресорот. Тие сметаат дека тековните политики се површни и неадекватни, што дополнително ја продлабочува агонијата во македонското земјоделство. Македонскиот земјоделец реши дека веќе нема да молчи. Ако не видат конкретни резултати и заштита на производството, самоорганизирањето на политичко ниво е единствениот пат што им преостанува.
Причините поради кои земјоделците ја бараат оставката од актуелниот министер е што тој според нив не успеа да одговори на предизвиците при што ги имаат. Како прво од Националната земјоделска мрежа го потенцираат систематското доцнење со субвенциите, а ненавремената исплата на финансиската помош директно ја загрозува ликвидноста на земјоделските стопанства.
Земјоделците велат дека се соочуваат со неможност за набавка на репроматеријали и подготовка на новата производна сезона, што резултира со напуштање на обработливите површини. Дополнително, земјоделците сметаат дека има нестабилен и неорганизиран откуп, а постои и отсуството на вистинска пазарна стратегија која води кон хаос при откупот на земјоделските култури.
Производителите според нив се оставени без заштита пред откупните цени кои често се пониски од трошоците за производство, што ги води земјоделците кон работ на банкрот. Земјоделците реагираат и на трошоците за производство како и за лошата инфраструктура и наводнувањето.
„Цените на ѓубривата, горивото, семенскиот материјал и заштитните средства постојано растат, додека поддршката од министерството изостанува. Недостасуваат конкретни и насочени субвенции кои реално би го намалиле притисокот врз буџетот на земјоделците. Системите за водоснабдување се во незавидна состојба. Нема сериозни проекти за модернизација на хидромелиоративните системи, што во услови на сè поизразени климатски промени и сушни периоди, го доведува во прашање опстанокот на целиот сектор“, велат од Националната земјоделска мрежа.
Земјоделците се децидни, министерот според нив покажал незаинтересираност за вистински консултации со вистинските претставници на теренот. Одлуките велат дека се носат без вклученост на земјоделските здруженија, што резултира со креирање на мерки кои се неприменливи и нефункционални во реалните услови.
„Со оглед на најавената реконструкција, сметаме дека е крајно време за промена на пристапот. Земјоделството е стратешки сектор за државата и бара лидер кој поседува визија, експертиза и, пред сè, подготвеност за решавање на напластените проблеми преку директна соработка со земјоделците. Ве повикуваме сериозно да го разгледате овој апел и да именувате личност која ќе покаже одговорност и капацитет за спас на македонското земјоделство“, деодаваат од НЗМ.
Доста беше игнорирање на маката на македонскиот земјоделец, велат земјоделците. Овогодишната жетва на пченицата и јачменот повторно ги разоткри неправдите со кои велат дека се соочуваат секојдневно. Нивниот став е дека трговците и мелничарите манипулираат со цените, додека министерството останува инертно и не ги користи законските механизми за заштита на домашното производство. Затоа тврдат дека интересите на трговците се ставени пред интересите на тие што ја произведуваат храната.
И.П



