Високите летни температури значително го зголемуваат ризикот од дехидрација, а лекарите предупредуваат дека недостатокот на течности не се препознава секогаш само преку чувството на жед. Замор, главоболка, вртоглавица, намалена концентрација и промени во расположението се само дел од симптомите што можат да укажуваат дека организмот има потреба од повеќе течности.
Според експертите, дехидрација настанува кога телото губи повеќе течности отколку што внесува. Најчести причини се високите температури, прекумерното потење, изложеноста на сонце, покачената телесна температура, консумирањето алкохол и интензивната физичка активност.
Лекарите посочуваат дека чувството на жед најчесто се јавува дури откако организмот ќе изгуби околу два проценти од вкупната количина течности. Затоа советуваат граѓаните да не чекаат да ожеднат, туку редовно да внесуваат вода, особено во деновите со екстремно високи температури.
Еден од наједноставните начини да се провери дали организмот е доволно хидриран е да се обрне внимание на бојата на урината. Светложолтата боја најчесто укажува на добра хидратација, додека потемната боја и поизразениот мирис можат да бидат знак дека телото има недостаток на течности.
Недоволната хидратација може да влијае и врз работата на мозокот. Бидејќи човечкиот мозок е составен од околу 75 проценти вода, дури и мала дехидрација може да предизвика тешкотии со концентрацијата, побавно размислување и чувство на таканаречена „мозочна магла“.
Главоболките во текот на летото исто така често се поврзани со недоволен внес на течности. Ако дехидрацијата се продлабочи, може да дојде до пад на крвниот притисок, што може да предизвика вртоглавица, слабост, па дури и губење на свеста.
Истражувањата покажуваат дека доволната хидрираност е важна и за менталното здравје. Луѓето кои внесуваат помалку течности почесто чувствуваат стрес, раздразливост и промени во расположението.
При потење организмот не губи само вода, туку и важни електролити, особено натриум. Поради тоа, појавата на мускулни грчеви, особено кај постарите лица и по физички напор, може да биде уште еден знак дека телото има недостаток од течности.
Лекарите препорачуваат повеќето возрасни лица во текот на денот да внесуваат меѓу 1,5 и 2 литри течности, а во денови со екстремни горештини и значително повеќе, во зависност од физичката активност и времето поминато на отворено.



