ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија меѓу европските земји со најниски потрошувачки цени, но и најнизок животен...

Македонија меѓу европските земји со најниски потрошувачки цени, но и најнизок животен стандард

Според најновите податоци од Европскиот завод за статистика – Евростат, Македонија е земјата во Европа со најниско ниво на потрошувачки цени, кои изнесуваат околу 55 проценти од просекот на Европската Унија. Највисоки цени се забележани во Исланд, Швајцарија, Норвешка, Данска и Ирска.

Сепак, економистите предупредуваат дека пониското ниво на цени не значи автоматски и повисок животен стандард, бидејќи цените во голема мера се поврзани со нивото на плати и продуктивноста на економијата. Затоа жителите на побогатите европски земји, иако плаќаат повеќе за стоки и услуги, честопати имаат поголема куповна моќ од граѓаните на земјите со пониски цени, благодарение на значително повисоките приходи. Токму затоа, при споредувањето на животниот стандард, Евростат, покрај нивото на цените, анализира и индикатори како што се куповната моќ на населението и реалната лична потрошувачка, кои даваат пореална слика за квалитетот на животот.

Во деталниот извештај што ги придружува објавените податоци за нивоата на цените, Евростат посочува дека зад просечниот индекс стојат големи разлики помеѓу поединечните категории на производи и услуги. Иако Македонија се рангира меѓу најевтините европски земји според вкупното ниво на цени, цените не се подеднакво ниски во сите категории.

Така, кога станува збор за храна и безалкохолни пијалоци, цените во Македонија достигнаа околу 74,8 проценти од просекот на Европската Унија. Во исто време, информациската опрема во Македонија е на ниво на просекот на Европската Унија, додека цените на апаратите за домаќинство се за 10 проценти пониски од европскиот просек. Спротивно на тоа, цените на енергијата се околу 52,6 проценти од просекот на Европската Унија и е највисока од земјите во регионот.

Податоците од европската статистика покажуваат дека цените на поединечните производи и услуги во Европа можат значително да се разликуваат. Кога станува збор за храна и безалкохолни пијалоци, највисоките цени се забележани во Луксембург, каде што се околу 22 проценти над просекот на Европската Унија, додека во Романија се околу 20 проценти под просекот. Безалкохолните пијалоци се најскапи во Ирска, а најевтини во Италија, додека алкохолните пијалоци се најскапи во Финска, каде што се повеќе од двојно поскапи од европскиот просек, а се и меѓу најпристапните во Италија.

Големи разлики постојат и кај тутунските производи – Ирска има убедливо највисоки цени, дури 159 проценти над просекот на Европската Унија, првенствено поради високите акцизи, додека во Бугарија се повеќе од половина пониски. Сепак, најголемите разлики во вкупните трошоци за живот не се создаваат од цените на храната, туку од домувањето, енергијата и услугите. Така, трошоците за домување и комунални услуги во Ирска се речиси двојно повисоки од просекот на Европската Унија, додека во Бугарија се меѓу најниските, што во голема мера објаснува зошто вкупните трошоци за живот толку многу варираат од земја до земја.

Интересно е што цените на храната во Европа се многу поуниформни од цените на домувањето и комуналните услуги. Додека разликата помеѓу најскапата и најевтината земја од ЕУ кога станува збор за храна е релативно умерена, кога станува збор за домување, опсегот е огромен – од само 41 процент од просекот на Европската Унија во Бугарија до дури 190 проценти во Ирска. Ова покажува дека трошоците за домување и енергија имаат многу поголемо влијание врз вкупните трошоци за живот отколку цените на храната.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП