Трибуналот за конкуренција на Велика Британија одобри колективна тужба од 3 милијарди фунти (4 милијарди долари) против „Apple“ во врска со неговата услуга за складирање во облак „iCloud“, соопшти групата на потрошувачи „Which?“. Одлуката го отвора патот десетици милиони корисници да бидат вклучени во судските постапки.
Трибуналот за жалби за конкуренција претходно овој месец одобри налог за колективна тужба со кој му се дозволува на „Which?“ да ги застапува корисниците на „Apple“ откако го отфрли обидот на американскиот технолошки гигант да блокира делови од тужбата.
Групата на потрошувачи го покрена случајот во ноември 2024-та година. Тврди дека „Apple“ ја злоупотребила својата доминантна позиција со „заклучување“ на корисниците на „iPhone“ и други уреди во екосистемот „iCloud“, ограничувајќи ја нивната можност да се префрлат на конкурентски даватели на услуги во облак.
Во тужбата се тврди дека компанијата го постигнала ова преку технички ограничувања за складирање на одредени датотеки, врзувајќи го „iCloud“ со уреди што го користат оперативниот систем „iOS“ и преку системски известувања и дизајнот на услугата што ги насочувала корисниците кон сопственото решение. Ова ја ослабнало конкуренцијата и ги зголемило цените.
„Which?“ вели дека целта на тужбата е да покаже дека ниедна компанија, без разлика колку е моќна, не може да ја злоупотреби својата позиција на пазарот.
Компанијата претходно ги негираше обвинувањата, велејќи дека од клиентите не се бара да користат „iCloud“ и дека многумина се потпираат на алтернативни услуги од трети страни. „Apple“, исто така, изјави дека енергично ќе ги брани своите практики.
Тужбата е поднесена во име на речиси 40 милиони корисници во Велика Британија кои го користеле „iCloud“ помеѓу ноември 2018-та и јуни 2026-та година.
„Which?“ ја проценува вкупната сума на побарана штета на околу 3 милијарди фунти. Доколку тужбата е успешна, индивидуалните потрошувачи би можеле да добијат до 77 фунти надомест.
Се очекува судењето да започне во 2028-ма година.



