Македонските туристи годинава уште пред да го отворат куферот добија ладен туш од Јадранот. Не од морето, туку од цените. Две лежалки и чадор во Црна Гора за 25 евра, ручек што лесно ја минува границата од 50 евра, а седум дена во Хрватска за четиричлено семејство може да чини и до 3.700 евра.
Првиот удар најчесто доаѓа на плажа. Туристот стигнува, детето веќе бара сокче, сонцето пече, а одговорот од човекот што ги издава лежалките звучи како сметка од ресторан.
„Дваесет и пет евра за сет. Ако сакате прв ред, поскапо е“, раскажуваат туристи кои веќе се вратиле од црногорското приморје.
И тука почнува она познатото македонско пресметување: колку е тоа во денари, колку дена ќе седиме на плажа, дали вреди секој ден да се плаќа или подобро пешкир на песок.
Црна Гора долго важеше за поблиска, попрактична и поевтина варијанта за македонските семејства кои не сакаат да одат предалеку. Патот е познат, јазикот не е проблем, храната е блиска. Но, цените сѐ повеќе го расипуваат тоа чувство на домашност. Кафе покрај море веќе не е ситен трошок. Сок за децата, сендвич, сладолед, паркинг, лежалки. Малите ставки брзо стануваат голема сметка.
„Луѓето веќе не прашуваат само колку чини сместувањето, туку колку ќе ги чини еден цел ден надвор од апартманот“, велат познавачи на туристичкиот пазар.
Според нив, токму тука е најголемата промена. Порано семејството ќе резервираше соба и главната пресметка завршуваше таму. Сега вистинскиот трошок почнува откако ќе излезат од собата.
Хрватска, пак, одамна не е евтина приказна, но годинава бројките звучат уште посурово. Седум дена одмор за семејство, со сместување, пат, храна, плажа и неколку излегувања, може да стигне до 3.700 евра.
Тоа за многу македонски домаќинства не е летување, туку сериозен финансиски проект. Пари за кои некој отплаќа кредит, менува автомобил или ја покрива половина година од домашните трошоци.
„Не е проблем само цената на апартманот. Проблем е што сѐ околу него е скапо“, коментираат туристи.
Еден ден почнува со пекарница или брз појадок, продолжува со плажа, па ручек, пијалак, сладолед, паркинг, некоја прошетка навечер. Никој не оди на море за да седи заклучен во соба и да брои монети. Ама токму тоа, велат дел од граѓаните, почнува да се случува.
Најмногу се чувствува кај семејствата со деца. Возрасен човек може да прескокне ручек, да се напие вода од шише и да каже дека не му се јаде. Дете не функционира така. Бара сок, бара сладолед, сака палачинка, сака, сака уште едно возење со количка покрај шеталиште. Малку по малку, одмор од седум дена станува секојдневна борба со паричникот.
Туристичките работници велат дека цените не растат само затоа што некој сака поголема заработка. Поскапени се закупите, работната сила, струјата, храната, транспортот. Но, за туристот што ја отвора сметката на крајот на денот, тоа објаснување не ја намалува сумата. Тој гледа само дека за истите пари добива помалку денови, помалку комфор и многу повеќе нервоза.
Затоа дел од Македонците веќе прават поинакви планови. Пократок престој, поевтино место, сместување подалеку од плажа, носење храна од дома, комбинирање со езеро или планина. Некои велат дека ќе одат, ама „на штедење“. Други, пак, се откажуваат целосно.
Јадранот останува убав. Никој не го спори тоа. Морето, старите градови, залезите, камените улици, мирисот на риба и сол. Сѐ е таму. Само што за многу македонски семејства прашањето веќе не е каде е најубаво, туку каде може да се преживее одморот без да се вратиш дома со празен џеб и главоболка.
Б.З.М.



