Патниците ширум светот не треба да очекуваат брзо намалување на цената на авионските билети и покрај значителниот пад на цената на млазното гориво по напредокот во преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, оценија денес претставници на авиоиндустријата.
Цената на млазното гориво во Соединетите Американски Држави падна од 4,88 долари на 2,85 долари за галон по објавувањето на планот за постигнување конечен договор меѓу Вашингтон и Техеран, што би можело да донесе годишни заштеди од повеќе од 40 милијарди долари за американските авиокомпании, објавува Ројтерс.
Сепак, превозниците наведуваат дека пониските трошоци за гориво нема автоматски да доведат до пониски цени на билети, бидејќи компаниите се стремат да ги надоместат загубите настанати за време на повеќемесечниот период на високи цени на енергијата.
Според проценките на индустријата, најголемите американски авиокомпании досега успеале да компензираат само дел од зголемените трошоци за гориво преку повисоки цени на билетите.
Експертите истакнуваат дека ограничените капацитети во воздушниот транспорт, доцнењата во испораките на нови авиони и намалената конкуренција од нискобуџетните превозници им овозможуваат на компаниите да го одржат сегашното ниво на цените.
Затоа, не се очекува да избувне ценовна војна меѓу авиокомпаниите и покрај падот на оперативните трошоци.
Аналитичарите наведуваат дека евентуално намалување на цените на билетите би можело да следи само ако пониските цени на горивата траат подолг период и ако побарувачката за патување ослабне, но засега нема индикации за таков развој на настаните.
Закрепнувањето на маржите на профит во моментов има приоритет пред намалувањето на цените за патниците, што значи дека придобивките од поевтиното гориво прво ќе ги почувствуваат авиокомпаниите, а дури потоа потрошувачите.



