Разговорите на високо ниво меѓу САД и Иран, што се одржуваат во Швајцарија, треба да продолжат до крајот на неделата и покрај напнатиот почеток.
Иранските преговарачи накратко го напуштија состанокот во знак на протест поради низата закани објавени од американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи, но со посредство на Катар и Пакистан, разговорите продолжија.
Сето ова доаѓа откако двете страни минатата недела потпишаа меморандум за разбирање со цел деблокирање на Ормутскиот теснец и започнување 60-дневни разговори за цивилната нуклеарна програма на Иран.
Тензии поради заканите на Трамп
Во низа објави на социјалните мрежи и во телевизиски интервјуа, Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран, па дури и ќе го киднапира иранскиот преговарачки тим ако Ормутскиот теснец не се отвори.
Во 20-минутен телефонски разговор со Фокс њуз, зборувајќи за теснецот, тој рече:
„Можеби ќе го преземеме теснецот ако треба. Ако не постигнат договор, ќе наплаќаме за премин“. Тој, исто така, се чини дека се закануваше дека ќе ги киднапира иранските преговарачи, велејќи: „Затворете го и ќе останете без држава. Нема ни да се вратите во вашата е***а земја“.
Заканите предизвикаа негодување кај иранскиот тим, кој рече дека тие претставуваат неприфатлива закана за нивната лична безбедност и го прекршуваат пактот за ненапаѓање вклучен во меморандумот потпишан минатата недела. Иранските државни медиуми објавија дека преговорите влегле во „тешка фаза“ и дека биле прекинати по „објавувањето на навредлива порака од американскиот претседател“.
Иако иранските претставници го напуштија состанокот, делумно поради внатрешен политички притисок, главниот преговарач на Иран, Мохамед Багер Галибаф, ги отфрли заканите. „Не гледаат ли сами дека немаше да бидат во денешниот очај доколку нивните закани имаа некаков ефект? Воопшто не ги земаме предвид американските закани“, изјави тој.
Улогата на медијаторот и продолжувањето на преговорите
По најавите на Трамп, иранската делегација поднесе официјален протест до медијаторите, барајќи неговото „заплашување“ да се стави под контрола. Катар и Пакистан работеа зад сцената за да ги одржат разговорите, што го направија пред да бидат завршени во раните утрински часови во понеделник. Техничките разговори треба да продолжат до крајот на неделата.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, го пофали катарско-пакистанското посредништво, велејќи дека „е постигнат значителен напредок“. Во заедничката изјава на Катар и Пакистан се наведува дека САД и Иран се согласиле да воспостават „комуникациска линија“ за да се избегнат инциденти во Ормутскиот теснец.
Исто така, беше договорено да се формира „ќелија за деескалација на конфликти“ со либанската влада за да се обезбеди „почитување на прекинот на воените операции во Либан“. Арагчи рече дека првиот вистински тест на тие договори ќе биде механизмот за деескалација поради борбите меѓу Израел и Хезболах во Либан.



