Турција летово повторно влегува во игра како дестинација за оние што сакаат море, хотел, храна, базен, лежалка и помалку нервози околу дневните трошоци. По неколку сезони во кои многу семејства се прашуваа дали одморот станал луксуз, понудите за турските летувалишта годинава изгледаат далеку попримамливо. Особено за оние што пресметуваат до последно евро.
Најмногу интерес има за Анталија, Аланија, Сиде, Кушадаси, Кемер и Бодрум. Тоа се веќе познати точки на мапата за македонските туристи. Големи хотели, широка услуга, храна во текот на целиот ден, базени за деца, анимации, плажа, трансфери. Сè спакувано во една цена. Токму тоа, според туристичките работници, е главната причина зошто Турција повторно добива предност пред дел од класичните летни избори во регионот.
„Луѓето не сакаат изненадувања. Кога ќе платат аранжман, сакаат да знаат дека таму нема секој ден да вадат по уште 50 или 100 евра од џеб“, велат туристички работници кои работат со летни аранжмани.
Според нив, ова лето се бараат најмногу ол инклузив и ултра ол инклузив пакети. Причината е едноставна. Семејство со две деца, ако оди на класичен одмор со апартман и самостојно плаќање храна, пијалаци, лежалки и ситни трошоци, на крај често излегува поскапо од хотелски пакет во Турција. Особено ако се пресмета дека во многу хотели децата имаат попусти, а во дел од понудите и бесплатно сместување под одредена возраст.
Економистите велат дека не станува збор само за поевтини хотели, туку и за промена во однесувањето на туристите. Граѓаните повеќе не гледаат само колку чини аранжманот на хартија, туку што добиваат за тие пари.
„Психологијата на купувачот е сменета. Ако едно семејство плати малку повеќе однапред, но потоа речиси ништо не доплаќа на лице место, тоа го доживува како поевтин и посигурен одмор“, објаснуваат економисти.
Во туристичките агенции велат дека Турција годинава има уште една предност. Таму хотелите се големи, конкуренцијата е силна, а понудата широка. Кога има празни капацитети или послаб интерес од некои пазари, цените брзо се коригираат. Дел од хотелите веќе излегуваат со попусти, рани резервации, семејни пакети и специјални понуди за одредени термини.
Најевтините варијанти најчесто се надвор од најжешкиот дел на сезоната, односно во јуни, крајот на август и септември. Јули и првата половина од август и натаму остануваат најскапи. Но и таму, велат познавачите, Турција знае да биде поисплатлива ако се спореди целата сметка, не само цената на сместувањето.
„Не е исто да платите апартман и потоа секој ден да купувате појадок, ручек, вечера, вода, кафе, сладолед и лежалки. Кај ол инклузив пакетите барем знаете каде сте“, коментираат туристички работници.
Македонските туристи, пак, добро ја знаат таа математика. Кога се оди со деца, ситните трошоци не се ситни. Едно кафе, две води, сладолед, пица за децата, лежалки на плажа. И денот веќе отишол. Затоа и интересот за Турција расте токму кај семејствата што сакаат одмор без постојано отворање паричник.
Секако, најниската цена не значи секогаш најдобар избор. Познавачите советуваат туристите внимателно да гледаат што точно влегува во пакетот, колку е хотелот оддалечен од плажа, какви се оценките, дали трансферот е вклучен, каков е летот и дали има дополнителни трошоци. Евтино може да биде добро. Но може да биде и замка ако не се прочита ситниот текст.
И покрај тоа, Турција годинава има силен адут. За ист буџет, нуди чувство на поголем комфор. А тоа за многу семејства е пресудно. Не луксуз во злато и мермер, туку обичен мир. Да знаеш дека детето јадело, дека плажата е блиску, дека базенот е тука, дека кафето не ти ја расипува сметката.
Б.З.М.



