„Dacia“ официјално потврди дека подготвува нова, втора генерација на својот електричен модел „Spring“ и ги покажа првите фотографии од новиот дизајн.
Компанијата сè уште не откри други детали, но можеме да претпоставиме дека новиот „Spring“ ќе биде официјално лансиран на Саемот за автомобили во Париз во октомври и дека ќе ја користи платформата и погонскиот склоп од новиот електричен „Renault Twingo“.
Веќе нема да биде индиско-кинески
Првиот „Spring“ беше базиран на „Renault Kwid“, првично развиен за индискиот пазар, а потоа беше адаптиран во Кина за целосно електричен погон. Кога дебитираше во Европа во 2021 година, „Spring“ беше најевтиниот електричен автомобил на Стариот континент. Сепак, во последниве години, во овој сегмент се појавија многу нови кинески и корејски конкуренти.
На платформата „Renault 5“ – и два идни „Ford“
Дачија лаконски вели дека новата генерација ќе продолжи да се „држи до основните работи“, без да нуди непотребни додатоци. Сепак, по секоја веројатност, новиот Spring ќе се раздели со сегашната платформа CMF-A и ќе премине на новата RGEV Small – што пак е еволуција на поголемиот CMF-B. Истата платформа е основа на многу популарниот Renault 5, новиот Nissan Micra и два идни мали модели на Ford. Како и на новиот Twingo, секако.
Доколку се потврдат предвидувањата за поврзување помеѓу „Spring“ и „Twingo,“ новата Dacia ќе има батерија со капацитет од 28 kWh и досег од околу 260 km со едно полнење. Цената веројатно ќе биде под 20.000 евра.



