Албанија летово повеќе нема да биде само дестинација за евтин одмор, брз викенд или семејно летување покрај море. За дел од македонските граѓани таа станува и место за сезонска работа. Келнери, готвачи, шанкери, собарки, помошен персонал во хотели, работници во кујна. Сè повеќе луѓе од земјава гледаат кон албанското крајбрежје како можност да заработат некој денар повеќе, барем додека трае летната сезона.
До пред неколку години приказната беше поинаква. Македонците заминуваа на печалба во Хрватска, Црна Гора, Германија, Австрија или Италија. Албанија беше блиску, но не и доволно привлечна за работа. Сега, работите се менуваат. Туризмот таму расте брзо, хотелите се полнат, рестораните бараат луѓе, а локалниот кадар не секогаш стигнува да го покрие напливот на гости.
„Сезоната им почнува силно, а работници им требаат веднаш. За нашите луѓе тоа е блиску, не е комплицирано за патување и може да се заработи повеќе отколку дома“, велат познавачи на пазарот на трудот.
Најмногу интерес има кај младите, но не само кај нив. Се јавуваат и луѓе што веќе работеле сезонски во угостителство, лица што останале без стабилна работа, како и работници кои преку лето сакаат дополнителна заработка. Некои одат сами, некои во парови, а има и цели групи што се договараат да заминат заедно. Полесно е така. Еден знае јазик, друг има искуство, трет веќе има контакт со газда.
На албанското крајбрежје најмногу се бара персонал за хотели и ресторани. Драч, Валона, Саранда, Ксамил и други туристички места секоја сезона имаат сè поголема потреба од работници. Работата не е лесна. Се работи долго, често и по десет или дванаесет часа дневно. Слободен ден понекогаш има, понекогаш нема. Но, за многумина пресметката е едноставна. Ако дома за цел месец едвај се врзува крај со крај, сезонската работа, колку и да е тешка, изгледа како излез.
„Не одам таму на одмор, одам да заработам. Ако треба ќе работам и цел ден, само да знам дека на крајот нешто ќе ми остане“, велат работници кои веќе бараат ангажман за летото.
Платите зависат од работното место, искуството, газдата и условите. Кај дел од понудите има обезбедено сместување и храна, што за сезонците е клучно. Без тоа, заработката брзо се топи. Токму затоа поискусните предупредуваат дека не треба да се тргнува само по ветување дадено преку телефон или преку порака. Треба однапред да се знае колку се плаќа, дали има сместување, колку часа се работи, дали има договор и кој ги покрива трошоците ако работата пропадне.
„Најголемата грешка е кога луѓето заминуваат без јасен договор. Блиску е Албанија, но тоа не значи дека треба да се оди на слепо“, предупредуваат експерти за работни односи.
Оваа појава кажува и нешто друго. Македонија веќе не губи работници само кон Западна Европа. Сега луѓето одат и во соседството, таму каде што има побрз раст, повеќе туристи и поголема потреба од работна сила. Албанија, која до неодамна важеше за земја од која се заминува, сега почнува да привлекува сезонци од регионот. И од Македонија.
За домашните угостители тоа е уште еден сигнал дека летото ќе биде тешко. Ако келнерот, готвачот или шанкерот може да најде работа на море, со сместување и подобра дневница, тешко ќе остане дома за плата што не ја покрива ни половина од месечните трошоци. Особено младите веќе не чекаат многу. Прашуваат, споредуваат, пакуваат куфер и одат.
А куферот не мора да биде голем. Неколку маици, работни обувки, полнач за телефон и надеж дека ова лето ќе се врати со повеќе пари отколку што заминал. Така изгледа новата печалба. Не мора да е Германија. Не мора ни да е далеку. Понекогаш е само неколку часа возење од дома.
Б.З.М.



