Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Љубен Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на прогоните над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци.
Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.
Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле поткажани.
На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Останатите 12 младинци и 4 девојки остануваат со обвинение за врска со партизаните и претстојно бегство во планината. Откако тие ги поднеле сите тортури и измачувања, полиција и војска ги одвеле пешки во колона кон Моклиште.

Додека ги воделе младинците, на неколку места ги запирале. Веројатно се премислувале каде да ги стрелаат, додека ним им велеле дека ги носат за да ги фотографираат. Најстариот од сите, Васо Хаџиjорданов насетил дека нешто лошо се подготвува, па кај месноста „Чаир“ каде биле запрени, почнал да бега, а по него побегнале и други. Тогаш била издадена наредбата „оган“. Дванаесетте младинци биле застрелани, иако сите војници не сакале да пукаат. Најмладиот од стреланите имал само 15 години.
Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!“



