Додека во дел од Европа работниците веќе тестираат пократка работна недела, кај нас уште се води старата расправа: дали човекот треба да работи помалку за да биде поефикасен, или македонската економија прво треба да „порасне“ за да може да си дозволи таков луксуз. Едните велат дека четиридневната работна недела е иднината. Другите одговараат дека кај нас и пет дена често не се доволни за да се заврши работата.
Темата не е нова, но кај нас звучи речиси револуционерно. Скратена работна недела со иста плата, повеќе одмор, помалку стрес, повеќе време за семејство, деца, здравје, личен живот. На хартија изгледа одлично. Во канцеларија, фабрика, продавница или магацин, приказната станува покомплицирана.
Познавачите на пазарот на труд велат дека прашањето не треба да се гледа само како „еден ден помалку работа“, туку како целосно поинаква организација на работниот процес.
„Не е суштината работникот да не доаѓа во петок. Суштината е да се види што се работи во тие четири дена, колку има празен од, колку има непотребни состаноци, чекање, административни кругови и губење време. Во многу фирми има простор за подобра организација, само никој не сака да го отвори тоа прашање“, велат експерти за работни односи.
Синдикалците се појасни. За нив, четиридневната работна недела не е подарок за работниците, туку можен одговор на заморот што со години се таложи. Луѓето работат под притисок, често и надвор од работното време, со телефонот во рака и по завршување на смената. Формално дома, реално уште на работа.
„Работник што е одморен, мотивиран и психички стабилен е подобар работник. Тоа го покажале искуствата од повеќе земји. Скратената работна недела не значи помалку резултати, ако работата е добро поставена. Напротив, може да донесе поголема продуктивност“, велат од синдикалните кругови.
Аргументот е едноставен: кога човек знае дека има повеќе време за себе, помалку отсуствува, помалку доцни, помалку „прегорува“. И не ја троши половина од енергијата само за да го преживее денот.
Но, бизнисот не гледа така лесно на ова. Работодавците предупредуваат дека македонската економија не може механички да копира модели од земји со повисока продуктивност, подобра технологија и посилна организациска култура. Во многу сектори, велат тие, и сега има проблем да се најдат работници, да се испочитуваат рокови и да се задржи производството.
„Не сме против подобри услови за работниците, но мора да бидеме реални. Ако продуктивноста е ниска, ако компаниите се борат со трошоци, ако нема доволно кадар, како ќе се покрие уште еден неработен ден? Некој ќе мора да ја плати таа разлика“, велат претставници од бизнис-заедницата.
Тука се судираат двете логики. Работниците велат дека продуктивноста нема да порасне ако луѓето се исцрпени и слабо платени. Работодавците велат дека не може да се скрати работното време пред да се зголеми продуктивноста. Кој треба да почне прв? Старото прашање.
Во реалноста, Македонија има и друг проблем. Работното време на хартија и работното време во животот не се секогаш исто. Во дел од приватниот сектор, осум часа се растегнуваат во девет или десет. Сабота понекогаш е „само малку да се дојде“. Телефонски повици по работно време се сметаат за нормални. Одмор има, ама да не се користи баш кога има работа. А работа, нормално, секогаш има.
Затоа дел од аналитичарите сметаат дека пред да се зборува за четиридневна работна недела, мора да се среди основното: почитување на работното време, платен прекувремен труд, слободни денови, безбедност при работа и јасни правила.
„Не може да зборуваме за европски модел ако не сме ги средиле домашните навики. Скратена работна недела има смисла таму каде што системот функционира. Кај нас прво треба да се стави ред во петдневната работна недела, па потоа да се оди понатаму“, велат познавачи на економските состојби.
Сепак, идејата не мора веднаш да значи законска обврска за сите. Можно е да се почне со пилот-проекти, во јавни институции, ИТ-компании, административни служби или сектори каде што резултатот може јасно да се измери. Да се види што се добива, што се губи и каде моделот има смисла.
Работниците, пак, не бараат многу филозофија. За многумина, еден слободен ден повеќе значи одење на лекар без земање одмор, повеќе време со детето, помалку нервоза во недела навечер, ден за пазарење, за родител, за себе. Мали работи, ама од тие што го прават животот поднослив.
Четиридневната работна недела можеби нема утре да стане македонска реалност. Веројатно нема ни задутре. Но расправата веќе почна. И не е само за тоа дали петок ќе биде слободен. Прашањето е многу подлабоко: дали работата треба да го троши човекот до крај, или конечно треба да се организира така што и човекот ќе остане цел.
Б.З.М.



