Често слушам две реченици кои на прв поглед си противречат.
Првата е: „Абе народот нема пари.“
Втората е: „Кафеаните се преполни и нема место.“
И секогаш кога ќе се отвори оваа тема, луѓето се делат во два табора. Едните велат дека сите се жалат, а трошат повеќе од кога било. Другите велат дека реалноста е многу потешка отколку што изгледа на социјалните мрежи.
Вистината, како и обично, е некаде помеѓу.
Не мислам дека денес живееме полошо отколку пред десет или петнаесет години. Имаме подобри автомобили, подобри телефони, повеќе патуваме и повеќе трошиме. Но мислам дека живееме многу поскапо отколку што заработуваме.
Токму тука почнува проблемот.
Некогаш луѓето купуваа кога ќе заштедат.
Денес многумина купуваат кога ќе им одобрат кредит.
Телефон на рати, телевизор на рати, одмор на рати, мебел на рати, автомобил на кредит. Кредит за затворање на претходен кредит.
И така полека се создава чувство дека можеме да си дозволиме повеќе отколку што навистина можеме.
Не затоа што сме неодговорни, туку затоа што финансискиот систем денес го прави трошењето многу полесно од штедењето.
Резултатот е интересен.
Кога ќе влезете во маркет, ќе слушнете дека е скапо. Кога ќе влезете во банка, ќе видите редица за кредит. Кога ќе влезете во кафеана, ќе видите дека нема слободна маса.
Сите три работи се точни во исто време.
Проблемот не е што луѓето трошат. Проблемот е што сè поголем дел од трошењето доаѓа од идните приходи, односно од пари што сè уште не сме ги заработиле. Тоа е причината поради која многу семејства имаат чувство дека платата исчезнува неколку дена по исплатата.
Не затоа што не работат доволно, не затоа што не заработуваат, туку затоа што добар дел од тие пари веќе имаат сопственик уште пред да легнат на сметката.
Рати, кредити, картички, сметки. И кога ќе се собере сè, останува помалку отколку што очекуваме.
Не мислам дека решението е луѓето да престанат да живеат, ниту дека секој кредит е лош. Но мислам дека како општество почнуваме да го мешаме животниот стандард со животот на рати, а тоа не е исто.
Вистинскиот животен стандард не се мери со тоа колку можеме да купиме денес, туку со тоа колку можеме да си дозволиме без утре да се грижиме како ќе го платиме.
Можеби токму затоа најважното финансиско прашање денес не е колку заработуваме, туку колку од заработеното навистина останува за нас.
Бранко Стојкоски



