Кафеаните се полни, резервации се бараат со денови однапред, а пејачите повеќе не доаѓаат за „симболична сума“. Свадби, крштевки, родендени, приватни забави, празнични вечери, викенд настапи. Се пее насекаде. И се плаќа скапо.
Во угостителскиот бизнис веќе отворено се зборува дека хонорарите на дел од популарните пејачи ја поминале границата од 5.000 евра за настап. Кај најбараните имиња сумите одат и повисоко, особено кога станува збор за викенд, сезона, празник или приватна прослава со поголем буџет.
„Пазарот сам си ја крена цената. Кога локалот е полн и кога гостите доаѓаат баш поради пејачот, газдата пресметува дали му се исплати. Кај некои настапи се исплати, кај некои едвај се покриваат трошоците“, велат познавачи на угостителскиот бизнис.
Сликата е добро позната. Петок навечер, паркингот полн, пред влезот луѓе чекаат маса. Внатре музика, нарачки, флаширана вода по маси, мезе, скара, пијалаци, бакшиш. За некого тоа е луксуз. За друг, една вечер да се издува од цела недела работа.
Но зад полните маси има и друга математика.
Угостителите велат дека настапот на популарен пејач не значи автоматски заработка. Прво се плаќа хонорарот. Потоа озвучување, бенд, сместување ако пејачот доаѓа од друг град или странство, храна, обезбедување, персонал, струја, даноци, набавка. На крај, останува прашањето колку навистина заработил локалот.
„Луѓето гледаат полна кафеана и мислат дека газдата собрал богатство за една вечер. Не е баш така. Ако пејачот земе 5.000 евра, локалот мора да има сериозен промет за таа вечер да има смисла“, објаснуваат економистите.
Според нив, ова е класична понуда и побарувачка. Ако некој пејач може да наполни сала или кафеана, неговата цена расте. Ако гостите се подготвени да платат поскапа резервација, поскапа маса или повисока сметка, тогаш пазарот ја прифаќа цената. Барем засега.
„Не е чудно што хонорарите растат. Чудно би било да нема публика, а цените да растат. Но кога има побарувачка, кога локалите се полни, тогаш и изведувачите ја користат позицијата“, велат економските аналитичари.
Од друга страна, граѓаните не престанаа да излегуваат. Иако цените во маркетите, сметките, кириите и кредитите притискаат од сите страни, кафеаните за викенд ретко зјаат празни. Особено оние каде има жива музика.
Еден дел од објаснувањето е едноставен. Луѓето можат да скратат од облека, од патување, од нешто дома. Но не сакаат секогаш да скратат од излегување. Кај нас кафеаната одамна не е само место за јадење. Таму се слави, се договара, се заборава, се покажува, се дружи.
Има и психологија, велат познавачите.
„Кога секојдневието е тешко, луѓето бараат издувен вентил. Некој ќе купи телефон на рати, некој ќе оди на вечера, некој ќе плати маса за настап. Тоа не значи дека сите имаат пари, туку дека приоритетите се различни“, велат социолозите.
Сепак, економистите предупредуваат дека ваквиот раст на хонорарите не може бесконечно да продолжи. Ако цените на масите и менијата премногу пораснат, дел од гостите ќе се повлечат. Ако гостите се повлечат, први ќе реагираат кафеаните. А потоа и пејачите.
„Секој пазар има граница. Кај нас таа граница често се гледа доцна, кога прометот веќе ќе почне да паѓа. Тогаш сите се чудат што се случило“, коментираат експертите.
За популарните пејачи, пак, ова е период во кој добро заработуваат. Настапи има, сезоната е активна, приватните прослави не запираат. Свадбите се посебна приказна. Таму цените најлесно одат нагоре, затоа што домаќините често не штедат кога станува збор за „еднаш во животот“.
Но и тука има поделба. Едни плаќаат големи суми за звучно име. Други бараат помал бенд, диџеј или локален пејач. Буџетот решава.
Во целата приказна најточна е, можеби, онаа народната: додека има кој да плати, ќе има и кој да наплати.
Б.З.М.



