ПочетнаЕКОНОМИЈАИницијатива до Уставен за оспорување на паушалното отчитување на сметките за струјата

Иницијатива до Уставен за оспорување на паушалното отчитување на сметките за струјата

Групата на Инженери поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се оцени законитоста на членот 32 од Правилата за снабдување со електрична енергија бидејќи сметаат дека е во спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика. Во Иницијативата стои дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 32 од Правилата за снабдување со електрична енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика на 20 мај 2026 година. Ова здружение ги оспорува: насловот на член 32: „Постапување во случај на неотчитување на мерните уреди“, зборот „отчитување“ во ставот (3) од истиот член како и целокупната нормативна конструкција на членот со која законскиот услов „не е извршено мерење“ фактички се проширува со поимот „неотчитување“.

„УСТАВНИ И ЗАКОНСКИ ОДРЕДБИ СО КОИ ОСПОРЕНИОТ ЧЛЕН НЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ“

Оспорените одредби не се во согласност со:

  • • член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот (владеење на правото);
  • • член 30 од Уставот (заштита на сопственоста);
  • • член 51 од Уставот (усогласеност на прописите со закон);
  • • член 54 од Уставот;
  • • член 185 став (2) од Законот за енергетика („Службен весник на РСМ“ бр. 101/2025 и 135/2025).“ стои во поднесокот до Уставен

Како причини за ваквото поднесување на иницијативата се наведува подзаконскиот акт кој воведува поим што не постои во Законот за енергетика.

Член 185 став (2) од Законот за енергетика предвидува:

„Во случај кога за пресметковниот период не е извршено мерење на потрошената електрична енергија од операторот на соодветниот систем, снабдувачот ја изготвува фактурата врз основа на претпоставена потрошувачка, која еднаш на три месеци во тековната година се усогласува со реалната потрошувачка и издава коригирана фактура за соодветниот пресметковен период.“

Законот не го користи терминот „неотчитување“. Наспроти тоа, во член 32 од Правилата Регулаторната комисија за енергетика го употребува поимот „неотчитување на мерните уреди“ и на тој начин воведува нов правен факт што законодавецот воопшто не го предвидел. Со тоа подзаконскиот акт не го разработува законот, туку фактички ја менува неговата содржина, реагира групата на Инженери.

Додаваат дека „мерење“ и „отчитување“ не се идентични правни и технички категории. Па затоа разликата меѓу двата поими е суштинска: Мерењето претставува технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред додека отчитувањето претставува преземање, прибирање или читање на веќе измерените податоци од мерниот уред. Според инженерите можни се ситуации кога мерењето е целосно извршено и податоците постојат во мерниот уред, но тие не се преземени од страна на операторот поради организациски, административни, комуникациски или други причини. Во таков случај законскиот услов за примена на исклучокот не е исполнет, бидејќи мерењето постои. Сепак, според оспорениот член 32, истата ситуација може да биде третирана како основ за проценето фактурирање на кој начин всушност подзаконскиот акт го проширува законскиот исклучок и овозможува негова примена во случаи што законодавецот не ги предвидел.

 Повреда на член 51 од Уставот

Според член 51 од Уставот: „Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон.“ Така подзаконскиот акт не смее да создава нови правни основи, да проширува законски исклучоци, да воведува нова терминологија со материјално-правни последици или да ја менува содржината на законската норма.

Со формулацијата на членот 32 од Правилата токму тоа е направено: наместо подзаконскиот акт во целост да ја преземе законската формулација, Регулаторната комисија вовела нов поим со различно правно значење и создала поширок нормативен опфат од оној утврден во Законот за енергетика.

Повреда на начелото на владеење на правото

Уставниот суд во својата практика континуирано истакнува дека прописите мора да бидат јасни, прецизни, недвосмислени и предвидливи. Во конкретниот случај во истиот член 32 се користат три различни термини: во насловот: се користи терминот „неотчитување“, во ставот (1) се користи терминот „не е извршено мерење“ и во ставот (3) терминот „отчитување“. Со ваквата терминологија се создава сериозна правна нејасност околу условите под кои може да се применува проценетото фактурирање. Токму таквата нормативна неконзистентност е спротивна на начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Повреда на правото на сопственост

Проценетото фактурирање претставува исклучок од основното правило дека граѓаните плаќаат за реално потрошена електрична енергија. Секое проширување на условите за примена на овој исклучок непосредно влијае врз имотната сфера на потрошувачите. Со оспорената одредба се создава можност потрошувачите да плаќаат износи кои не произлегуваат од реално отчитана потрошувачка, туку од проценки кои законодавецот дозволил да се користат само во строго определени случаи. На тој начин се засега во правото на сопственост заштитено со член 30 од Уставот.

Практични последици од оспорената одредба

Проблемот не е теоретски. Во текот на 2025 година голем број домаќинства добија фактури врз основа на претпоставена потрошувачка, означени со ознаката „М“. По подоцнежното отчитување на мерните уреди, разликата беше пресметувана во рамките на еден пресметковен период наместо да биде распределена во месеците во кои потрошувачката реално настанала. Како резултат на тоа значителен дел од потрошувачката беше префрлен во повисоките тарифни блокови, поради што граѓаните плаќаа повисоки сметки отколку што би плаќале доколку фактурирањето било извршено врз основа на реалната потрошувачка по месеци.

Овој пример покажува дека разликата меѓу „мерење“ и „отчитување“ не е академско прашање, туку прашање што има директни финансиски последици за граѓаните. Дополнително, согласно член 122 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, неплатените фактури можат да бидат основ за исклучување од системот. Оттука, незаконското проширување на можноста за проценето фактурирање може да произведе последици не само врз имотот на граѓаните, туку и врз нивниот пристап до јавна услуга од суштинско значење.

Свесно игнорирање на стручните забелешки

Во текот на постапката за донесување на Правилата за снабдување со електрична енергија, од наша страна беа доставени детални писмени забелешки со кои беше укажано дека Законот користи исклучиво поим „мерење“, дека терминот „неотчитување“ не постои во Законот за енергетика, дека со воведувањето на овој термин се проширува законскиот исклучок и дека постои ризик од повреда на член 8 и член 51 од Уставот. Истовремено беше предложено терминологијата целосно да се усогласи со Законот за енергетика; или да се воведат јасни дефиниции за поимите „мерење“ и „отчитување“. Но ниту еден од овие предлози не беше прифатен.

Ова е значајно бидејќи покажува дека не станува збор за случајна редакциска грешка, туку за свесно задржано нормативно решение.

Внатрешна противречност во самиот член 32

Особено значајно е што Регулаторната комисија во истиот член истовремено го користи и законскиот и незаконскиот термин. Така во ставот (1) дословно е преземена законската формулација „не е извршено мерење“, а истовремено, во насловот е употребен поимот „неотчитување“, и во ставот (3) е употребен поимот „отчитување“. Ова значи дека Регулаторната комисија била целосно свесна која е законската терминологија.

Оттука не може да стане збор за технички пропуст или редакциска грешка.

Доколку „мерење“ и „отчитување“ се исти поими, нема рационално објаснување зошто во истиот член се употребени различни термини. Доколку, пак, се различни поими, тогаш самата Регулаторна комисија признава дека вовела поширок нормативен опфат од оној што го предвидел законодавецот. Во двете ситуации произлегува дека членот 32 не е во согласност со член 51 од Уставот и со член 185 став (2) од Законот за енергетика.

Инженерите до  Уставниот суд предлагаат да поведат постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 32 од Правилата за снабдување со електрична енергија. Потоа,  согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот член, до донесување конечна одлука. По спроведената постапка Уставен да го укине или поништи член 32 од Правилата за снабдување со електрична енергија како несогласен со член 8 став 1 алинеја 3, член 30 и член 51 од Уставот.

И.П.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП