ПочетнаЗДРАВЈЕГолема студија води до важни наоди за анксиозното растројство

Голема студија води до важни наоди за анксиозното растројство

Кингс колеџот во Лондон и Австралискиот медицински истражувачки институт Ким Брегофер пронајдоа 74 генетски варијанти поврзани со анксиозни растројства, од кои 39 се нови варијанти.

Најголемата студија досега, спроведена на речиси 700.000 луѓе, вели дека од генетските варијанти, повеќе од половина (39) никогаш не биле поврзани со овие нарушувања, објавува италијанската новинска агенција Анса.

Анализата, објавена во списанието „Nature Human Behaviour“, овозможува подобро разбирање на генетската основа на овие нарушувања и како тие комуницираат со други клучни фактори како што се животните искуства и социјалниот контекст.

Многу од гените идентификувани од истражувачите се особено активни во мозокот и се вклучени во начинот на кој нервните клетки комуницираат едни со други.

Исто така, постојат бројни генетски корелации помеѓу анксиозноста и други ментални и физички состојби, како што се депресија, синдром на иритабилни црева, хронична болка, коронарна артериска болест, ендометриоза и мигрена.

Водечката авторка Британи Мичел од Австралискиот институт вели дека корелациите ја истакнуваат меѓусебната поврзаност на менталното и физичкото здравје и дека наодите од студијата покренуваат важни прашања за идните истражувања.

„Важно е да се напомене дека некој со висок генетски ризик можеби нема да развие анксиозност, додека некој со низок генетски ризик може. Сепак, разбирањето на овој ризик би можело да ни помогне да ги идентификуваме луѓето кои се најранливи на влијанија од животната средина, што на крајот ќе доведе до поефикасни стратегии за превенција и лекување“, заклучи таа.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП