Инфлацијата не планира сама да застане да расте. Не се качи на 5 проценти, туку нешто помалку, но и натаму е висока. Кризата со горива си го направи своето и според официјалните податоци најмногу се зголемени трошоците за транспорт.
Цените на храната и натаму во континуиран раст, а ништо подобро не се случува и со останатите производи и услуги кои им се неопходни на домаќинствата. Властите пак велат, се е ок. Економијата е стабилна, инфлацијата уште подобра, ако треба ќе ја известат јавноста за следните чекори и мерки доколку според нив бидат потребни. Опозицијата обвинува за немање јасна визија, но како никој да не ја слуша.
Според Министерството за економија и труд, податоците за инфлацијата во мај 2026 година покажуваат дека економијата останува стабилна, а ценовните движења се во рамки на очекувањата. Месечната инфлација од 0,6% главно е резултат на сезонски фактори и на растот на цените во транспортот и храната, категории кои традиционално имаат најголемо влијание врз индексот на трошоците на живот.
„Особено е важно што и покрај предизвиците на меѓународните пазари и промените кај цените на енергенсите и суровините, инфлацијата во земјата останува на умерено ниво. Истовремено, кај одредени категории е забележана стабилизација или намалување на цените, што укажува на постепено ублажување на инфлаторните притисоци. Владата и Министерството за економија и труд внимателно ги следат движењата на цените и состојбите на пазарот, со цел навремено да се реагира доколку се појават посериозни притисоци врз животниот стандард на граѓаните. Во овој момент нема потреба од интервентни мерки, но институциите располагаат со механизми кои можат да бидат активирани доколку инфлацијата во наредниот период покаже позначителен раст“, велат од Министерството за економија и труд.
Од економија појаснуваат дека меѓу можните мерки се намалување на стапката на ДДВ за одредени основни прехранбени производи, дополнителни мерки за ограничување на ценовните шокови кај производите од основната потрошувачка кошничка, како и креирање таргетирани пакети за поддршка на ранливите категории граѓани. Приоритет според нив останува заштитата на куповната моќ на населението, особено на домаќинствата со пониски приходи. Сепак, велат дека Владата останува подготвена да преземе дополнителни мерки доколку тоа го наложат економските услови, со цел зачувување на ценовната стабилност и обезбедување предвидлива економска средина за граѓаните и компаниите, а секако крајната цел е да се достигне претходно предвидената годишна инфлација до 3 проценти на категории кои традиционално имаат најголемо влијание врз индексот на трошоците на живот.
„Особено е важно што и покрај предизвиците на меѓународните пазари и промените кај цените на енергенсите и суровините, инфлацијата во земјата останува на умерено ниво. Истовремено, кај одредени категории е забележана стабилизација или намалување на цените, што укажува на постепено ублажување на инфлаторните притисоци. Владата и Министерството за економија и труд внимателно ги следат движењата на цените и состојбите на пазарот, со цел навремено да се реагира доколку се појават посериозни притисоци врз животниот стандард на граѓаните. Во овој момент нема потреба од интервентни мерки, но институциите располагаат со механизми кои можат да бидат активирани доколку инфлацијата во наредниот период покаже позначителен раст. Меѓу можните мерки се намалување на стапката на ДДВ за одредени основни прехранбени производи, дополнителни мерки за ограничување на ценовните шокови кај производите од основната потрошувачка кошничка, како и креирање таргетирани пакети за поддршка на ранливите категории граѓани“, додаваат од ресорното министерство.
Од друга страна пак, од СДСМ велат дека растот на платите не е доволен за да го следи поскапувањето, а дополнителен проблем е и немањето нови мерки од страна на Владата за заштита на стандардот на граѓаните. Нови поскапувања на храната и раст на трошоците за живот, вистината е дека народот нема пари. Вака Социјалдемократскиот сојуз на Македонија упати критики до Владата обвинувајќи за лошо управување со економијата и пад на животниот стандард на граѓаните. Од партијата велат дека тврдењата за наводни економски успеси се целосно невистинити.
„Лагите на Мицкоски за наводните економски успеси и за тоа дека Македонија е трета економија во Европа се целосно разобличени. Вистината е дека граѓаните живеат сè потешко, дека имаат сè помалку пари во џебовите затоа што сè е поскапено. Трошоците за живот во мај годинава се зголемени за 4,8 проценти во споредба со истиот месец минатата година, додека цените на мало бележат пораст од 5,6 проценти“, велат од СДСМ.
Реалноста е следна, граѓаните при секое влегување во маркет ги очекува нов ценовен шок. Колку и да се жалат, колку и да бараат помош и мерки од државата, општата перцепција на поголемиот дел од експертите е дека народот не добива ниту мерки, ниту помош за подобар живот.
И.П.



