Во современиот бизнис често зборуваме за профит, раст, технологија, дигитализација и иновации. Сите тие се важни фактори за успех, но постои една работа без која ниту еден тим, ниту една компанија и ниту еден лидер не можат долгорочно да успеат. Тоа е довербата.
Во последните години сè повеќе забележувам дека луѓето лесно зборуваат за доверба, но многу поретко размислуваат како таа навистина се гради. Особено во работната средина, каде што секој сака повеќе автономија, повеќе слобода и поголема одговорност.
Но довербата не доаѓа автоматски со работното место.
Не доаѓа со визит-карта. Не доаѓа со титула, туку довербата се заработува.
Се заработува кога ќе дадеш збор и ќе го исполниш. Се заработува кога ќе преземеш одговорност за своите резултати. Се заработува кога ќе признаеш грешка наместо да бараш виновник.
Токму затоа најуспешните професионалци што сум ги сретнал низ кариерата не биле секогаш најгласните луѓе во просторијата. Не биле секогаш ниту најобразованите или најискусните. Но секогаш биле луѓе на кои можеш да се потпреш.
Во секоја компанија постојат вработени кои кога ќе добијат задача, никој не се прашува дали ќе биде завршена. Постојат луѓе кои не бараат постојано контрола, потсетување и проверка. Тие едноставно испорачуваат резултати. Токму тие луѓе ја градат довербата.
Истото важи и за менаџерите. Лидерот не гради доверба со зборови и мотивациски говори. Ја гради преку секојдневните постапки. Преку доследноста. Преку фер односот кон луѓето. Преку способноста да стои зад својот тим и кога работите не одат според планот.
Во време кога промените се случуваат побрзо од кога било, довербата станува уште поважна. Компаниите можат да купат нов софтвер, нова технологија или нова опрема. Но довербата не може да се купи.
Таа се гради со години и затоа е толку вредна.
Од друга страна, може да се изгуби за многу кратко време. Едно неисполнето ветување, една неодржана обврска или една нефер одлука може да уништи нешто што долго се градело.
Затоа верувам дека довербата денес е највредната валута во секоја организација. Не затоа што добро звучи во презентации или стратегии, туку затоа што токму таа одредува дали луѓето ќе ве следат кога ќе биде лесно, но уште поважно, дали ќе останат покрај вас кога ќе стане тешко.
Бидејќи на крајот на денот, успешните компании не се градат само со капитал, технологии и процеси. Се градат со луѓе кои си веруваат едни на други.
Бранко Стојкоски



