ПочетнаКОМПАНИИЈапонската амбасадорка во работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје

Јапонската амбасадорка во работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје

Деловните врски на „Алкалоид“ со компаниите од Јапонија датираат од 1978 година, кога беше воспоставена соработката со корпорацијата ,,Фуџи филм“. Тогаш, со лиценца од овој партнер, беше пуштена во употреба фабриката за производство на рендген-филмови, со што „Алкалоид“ стана еден од само двата лиценцирани производители на вакви филмови во Европа.

Делегација на Амбасадата на Јапонија во Скопје, предводена од Н.Е. амбасадорката Сецуко Кавахара, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје, во чии рамки беа претставени работењето на компанијата, нејзините финансиски резултати и клучните стратешки насоки, со акцент врз извозниот развој, инвестициите и одржливиот раст.

Речиси петдецениската традиција на соработка со јапонски компании, започната со „Фуџи“, денес продолжува преку сегментот за хемодијализа, преку кој „Алкалоид“ успешно соработува со реномираните јапонски компании „Нипро“ и „Никкисо“, развивајќи заеднички деловни активности на повеќе пазари. Јапонската деловна нишка продолжува и преку „Алкалоид КОНС“, кој повеќе од една деценија успешно застапува производи од портфолиото на јапонскиот фармацевтски гигант „Такеда“.

Преку програмите на Јапонската асоцијација за техничка соработка и одржливи партнерства (AOTS), дел од менаџментот на „Алкалоид“ се здоби со нови знаења и вештини на специјализирани обуки во тренинг-центрите на организацијата во Осака, Нагоја и во Токио.

По официјалниот дел, делегацијата, предводена од Генералниот директор и Претседател на УО, Живко Мукаетов, ги посети Музејот на „Алкалоид“, производствените капацитети на ПЦ Фармација и Институтот за истражување и развој, при што имаше можност одблизу да се запознае со високото ниво на технолошка опременост, применетите високи стандарди и со стручниот кадар кој управува со процесите. Во Институтот за истражување и развој беа презентирани и современите лабораториски системи и аналитичката опрема од реномирани јапонски производители, кои се дел од напредната истражувачка инфраструктура на компанијата.

Во контекст на долгогодишните врски на „Алкалоид“ со јапонски компании, како и на стратешката определба за меѓународен раст, посетата на Н.Е. амбасадорката Сецуко Кавахара претставува дополнителен поттик за унапредување на соработката и за развој на нови партнерства со јапонскиот бизнис-сектор.

Амбасадата на Јапонија во Скопје е голем поддржувач на македонското здравство, со голем број остварени донации и доделени грантови за неколку здравствени капацитети во земјава.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП