Австриецот месечно може да тргне настрана околу 201 евро. А Македонецот? Тука приказната станува многу потивка. Ако се земат расположливите процени за реалниот простор за штедење, просечниот граѓанин кај нас може да заштеди околу 200 евра годишно. Тоа се нешто повеќе од 16 евра месечно. Практично, една сметка, едно излегување до маркет, една мала непланирана поправка дома, и тие пари ги нема.
Последните податоци покажуваат дека просечната нето-плата во земјава се движи околу 48 илјади денари. Но, тоа е просек. А просекот знае убаво да изгледа на соопштение, а многу поинаку во фрижидер. Дел од граѓаните земаат далеку под таа сума, особено во трговија, услужни дејности, текстил, мали фирми и семејни бизниси.
Економистите со кои разговаравме велат дека споредбата со Австрија е корисна, но и сурова.
„Не е проблемот само колку заработува човек, туку колку му останува по основните трошоци. Кај нас платата многу брзо се троши на храна, сметки, кредити, гориво, кирија или рата за стан. Штедењето доаѓа последно, а често и не доаѓа“, велат економисти.
И тука е главната разлика. Австриецот не штеди затоа што нема трошоци. И таму животот е скап. Но, приходот е доволно висок за после кирија, храна и сметки да остане нешто. Во Македонија, кај голем дел од семејствата, математиката завршува пред крајот на месецот.
Сликата е позната. Плата на 1-ви или на 15-ти. Веднаш се плаќаат сметки. Струја, вода, интернет, телефон. Потоа рата за кредит, ако ја има. Па маркет. Некој долг од претходниот месец. Некоја поправка на автомобил. Лекови. Детски трошоци. И одеднаш, парите што требало да се „распоредат“ до следната плата веќе се преполовени.
„Македонските домаќинства формално сакаат да штедат, но реално штедат кога мораат, а не кога планираат. Тоа значи дека многумина не градат заштеда, туку само се обидуваат да не влезат во нов долг“, објаснуваат финансиски познавачи.
Банките, сепак, бележат високи депозити. Но, тоа не значи дека сите граѓани имаат пари. Напротив, економистите предупредуваат дека депозитите не се рамномерно распределени. Едни имаат солидни заштеди, други немаат ни 100 евра резерва за итен случај. Затоа просечната слика често лаже. Во системот има пари, ама не кај сите.
Каматите на депозитите исто така не се доволен мотив за штедење. Според податоците на Народната банка, просечните каматни стапки на депозитите се релативно ниски, па за малите штедачи заработката од камата е речиси незабележлива. Ако некој има 300 или 500 евра на сметка, каматата нема да му го смени животот.
„Кај ниски примања, штедењето не е прашање на дисциплина, туку на капацитет. Не можете да му кажете на човек да тргне 100 евра месечно ако му остануваат 2.000 денари до следна плата“, велат економистите.
Тоа не значи дека во Македонија никој не штеди. Штедат оние со две стабилни плати во семејството, оние што немаат кирија, оние што живеат во сопствен стан, оние што имаат дополнителен приход, работа во странство или помош од семејството. Но, тоа веќе не е просечната приказна. Тоа е подобрата страна од статистиката.
Просечниот граѓанин најчесто штеди ситно. Денес 500 денари, утре ништо. Некогаш 1.000 денари ако останат. Па ќе дојде регистрација, роденден, поправка, заболекар. И касичката повторно се празни.
Затоа бројката од 16 евра месечно звучи смешно, ама не е смешна. Таа кажува нешто многу конкретно: за голем дел од македонските семејства, штедењето не е план, туку луксуз. А кога штедењето станува луксуз, секој непланиран трошок станува мал личен земјотрес.
Б.З.М.



