ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТЕУ одлучува: Можно проширување на роаминг зоната кон земјите од Западен Балкан

ЕУ одлучува: Можно проширување на роаминг зоната кон земјите од Западен Балкан

Советот на Европската Унија денес го одобри отворањето на преговорите со Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија (т.н. ЗБ6) со цел проширување на европската роаминг зона „Roam Like at Home“ (RLAH) кон овие партнери.

„Денешната одлука испраќа јасна порака за посветеноста на ЕУ кон регионот. Поголемата поврзаност значи поголеми можности за граѓаните, економијата и економската соработка“, изјави Марилена Рауна, заменик-министерка за европски прашања на Република Кипар.

„Ова е повеќе од технички чекор, тоа е конкретна демонстрација на нашата заедничка иднина“, додаде таа.

RLAH им овозможува на корисниците да остваруваат повици, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилни податоци во странство без дополнителни трошоци, под исти услови како и дома.

Моментално ги вклучува ЕУ, земјите од Европската економска зона – Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, како и Молдавија и Украина.

По денешната одлука, Европската комисија ќе започне преговори за секторски договори со партнерите од Западен Балкан.

Договорите ќе бидат поврзани со постојните Договори за стабилизација и асоцијација (ДСА), кои ја поддржуваат стабилноста и зближувањето на регионот на ЕУ.

Пред да се приклучат на зоната RLAH, секоја од земјите мора целосно да ја хармонизира и спроведе правната рамка на ЕУ за роаминг.

Комисијата ќе ја процени усогласеноста, а позитивната оценка ќе го отвори патот за реципрочна либерализација на пазарот за роаминг помеѓу ЕУ и партнерите, што ќе им овозможи на граѓаните и компаниите да користат услуги без дополнителни такси.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП