За нашите деца и за сите нас кои возиме покрај нив…
Има броеви кои не се прифатливи. Броеви кои не може да станат секојдневие. Броеви преку кои не може да поминеме и да „скролнеме“ понатаму…
И едно загинато дете во сообраќај е премногу. Сепак, секоја година гинат деца по скопските улици. На пешачки премин, пред училишниот влез, на патот до дома… на патот кој го поминале 1000 пати.
Ако ги прашаме Скопјани – ги знаат тие места. Пешачките на Партизанска, на Митрополит Теодосиј Гологанов, пред Фонтаната кај Градскиот парк… Премините преку улица на Цветан Димов, кај Чаирчанка.
Прометни артерии во центарот на градот, каде што и пешаците и возилата се борат за секоја секунда на семафорот. Децата кои одат на училиште го знаат тој страв – гледаш лево, гледаш десно и повторно не си сигурен. Широки булевари со сообраќај кој не забавува. Пешачките премини обележани на хартија, обележани и на улицата, но не и во очите на возачите, на моторџиите..
Но Скопје не завршува на булеварите низ Аеродром, Центар и Карпош. Завршува многу подалеку, таму каде што инфраструктурата не е дозавршена, а децата се поранливи.
Во населбите околу Скопје, кои растат побргу отколку што растат тротоарите низ нив. Низ маалата, каде што никнуваат нови згради, но помалку вело патеки. Пред училиштата, каде шторегионалните возачи не го ни гледаат знакот за зона 30 пред училиштето. По тротоарите, каде што локални „итромани“ паркират возила (автомобили, а некогаш и камиони и автобуси).
Некаде зебрите не се видливо обележани, некаде некој „храбар сограѓанин“ го украл сообраќајниот знак, некаде заштитните столпчиња се срушени, некаде возила се паркирани на пешачкиот премин… па децата, некогаш буквално невидливи, го делат патот со камиони, автобуси, автомобили…
Овие примери не претставуваат „несреќни случајности“. Ова се предвидливи настани на предвидливи места и токму затоа може да се спречат.
Во светот постои концепт кој се вика „Визија 0“. Концептот се базира на еден наизглед наивен принцип – ниту една смрт предизвикана во сообраќајна незгода не е неизбежна. Не е случајност. Не е судбина. Секоја смрт е резултат на одлуки – архитектонски, законски, културни – кои луѓето ги донеле или не ги донеле. Имплементацијата на оваа стратегија започнува во Шведска, земја која денес е меѓу земјите со најниска стапка на жртви од сообраќајни незгоди во светот. Не затоа што Швеѓаните се подобри возачи, туку затоа што некој одлучил дека животот на дете на пешачки премин е поважен од секундите кои ќе ги изгубивозачот кога ќе застане.
Оваа година Скопје добива две конкретни алатки за промена – и двете вреди да се именуваат.
Првата е алатката Безбеден град. Системот е пуштен во редовна функција во февруари 2026 година. Во првите часови од пробната работа, системот откри нешто запрепастувачко: за само еден ден камерите регистрираа над 110 000 сообраќајни прекршоци. Тоа не е само број на прекршоци, тоа е бројка која ја покажува нашата сообраќајна култура. Системот засега регистрира само брзо возење, поминување на црвено и погрешно поминување низ раскрсница, а ќе се дополни со непрописно паркирање на јавен простор – дел од прекршоците кои најчесто ги чинат децата. Следни чекори се проширување на мрежата од центарот кон периферијата на градот, кон сите улици каде што камерите сèуште не гледаат.
Втората алатка е Градската стратегија за безбеден сообраќај до 2030 година, со која Град Скопје ја прифаќа Визија 0 како своја стратегиска рамка. Клучната цел е јасна – НУЛА деца жртви во сообраќајот. Стратегијата како составен дел ја има програмата „Безбедно до училиште“, инфраструктурни мерки, образование и истражување незгоди.
А потоа следува потешкиот дел – имплементацијата.
Доста е од акции кои се базираат само на добри намери, потребно е да се создадат мерливи и споредливи насоки за дејствување кои се базираат на податоци. Стратегиите и плановите се креираат за неколку месеци, но инфраструктурните решенија на терен кои ќе стигнат до главните улици во скопските маала: Ѓорче, Радишани, Бутел, Маџари, Драчево, Пинтија… бараат години и, уште поважно, некој да одлучи дека тоа е приоритет.
Визијата НУЛА не е утопија. Таа е избор којшто се прави секој ден.
Избор е да се постават физички успорувачи на сообраќајот пред секое училиште – и во центарот и во периферијата на градот. Да се осветлат пешачките премини на големите булевари, да се воведе Зона 30 во маалата каде што играат децата. Да се довршат тротоарите, каде што ги нема, да се заштитат велосипедските патеки и тротоарите, каде што се узурпирани. Да се казнува паркирањето врз зебра и на пешачки патеки – не симболично, туку вистински. Да се прошири Безбеден град таму каде што децата се најранливи: на периферијата на градот, на безбедните коридори до училиште, па и во јавниот превоз. Да не се користи автомобил кога возачот не е одморен.
Визијата НУЛА почнува со едно едноставно прашање: Колку вреди еден детски живот?
Ако одговорот е – бесконечно многу, тогаш и нашите постапки мора да го одразуваат тоа. Стратегиите се создаваат, системите се воведуваат. Сега е ред и на асфалтот, на знаците, на светлото над пешачкиот премин. Секој од нас, независно дали е пешак, возач, велосипедист, носител на одлуки на некое ниво, проектант, консултант, изведувач на инфраструктура, надзор или редар и полицаец, мора да се вложи во ова прашање како секое дете на улица да е негово.
Нула жртви не е сон. Нула жртви е добро поставена цел. Нула жртви е избор за секој од нас.
Проф. Даме Димитровски
Авторот е претседател на Советот на Град Скопје



