ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТЈапонија потроши речиси 12 трилиони јени за еден месец за поддршка на...

Јапонија потроши речиси 12 трилиони јени за еден месец за поддршка на валутата

Јапонија потроши 11,7 трилиони јени за поддршка на јенот минатиот месец, според податоците објавени во петокот од страна на јапонското Министерство за финансии, цитирани од „Reuters“.

Износот, еквивалентен на околу 73,5 милијарди долари, беше искористен за валутни интервенции за ограничување на девалвацијата на јапонската валута, пренесува БТА. И покрај интервенцијата, јенот останува блиску до нивоата што го натераа Токио да преземе мерки.

Податоците ги потврдуваат сомневањата на учесниците на пазарот дека јапонските власти интервенирале на валутниот пазар околу крајот на април и почетокот на мај, можеби неколку пати за време на празникот Златна недела во Јапонија, кога ликвидноста на пазарот беше помала.

Јапонија реагираше откако курсот на јенот ја премина границата од 160 јени за долар, што беше нивото што доведе до рекордната валутна интервенција во 2024-та година.

На 30-ти април, јапонската валута нагло порасна од околу 160,7 јени на околу 155,5 јени. До 6-ти мај, курсот остана околу 155 јени за долар, но потоа јенот повторно почна да ослабува и во петокот се тргуваше околу 159,65 јени за долар.

Кризата на Блискиот Исток, исто така, врши дополнителен притисок врз јапонската валута, бидејќи порастот на цената на енергетските суровини го влошува трговскиот биланс на Јапонија, која е во голема мера зависна од увозот на нафта. Пазарите ја следат и политиката на Банката на Јапонија, која продолжува претпазливо да се оддалечува од својата долгогодишна политика на стимулации, што исто така придонесува за слабоста на јенот.

Се очекува деталните податоци за поединечните денови на интервенцијата да бидат објавени на почетокот на август со извештајот за вториот квартал.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП