Кој денес бара работа во Европската Унија, не гледа само плата. Гледа каде има најмногу празни места, каде работодавците не можат да најдат луѓе и каде дипломата не е секогаш поважна од занаетот. А таму сликата е прилично јасна: Европа бара медицински кадар, мајстори, возачи, готвачи, електричари, заварувачи, градежници, но и луѓе за ИТ, инженерство и зелена енергија.
Според европските податоци за пазарот на труд, недостигот на работници не е ист во сите земји, но неколку професии постојано се повторуваат. Меѓу најбараните се заварувачи, здравствени работници, готвачи и електричари, а силен недостиг има и во градежништвото, угостителството и транспортот.
„Најлесно поминуваат луѓето што имаат конкретна вештина. Не мора секогаш да биде факултет. Ако човек знае да работи, ако има искуство и ако може брзо да се вклопи, шансите му се многу поголеми“, велат познавачи на европскиот пазар на труд.
Во здравството, побарувачката е највидлива. Болници, домови за стари лица и приватни клиники низ повеќе европски земји бараат медицински сестри, негуватели, физиотерапевти, техничари и помошен персонал. Стареењето на населението си го прави своето. На многу места нема доволно домашен кадар, а работата е тешка, со смени, притисок и голема одговорност. Затоа и конкурсите не запираат.
Слична е приказната и со градежништвото. Ѕидари, армирачи, молери, водоинсталатери, електричари, монтажери, мајстори за греење и климатизација се бараат во земји каде што се градат станови, патишта, енергетски објекти и индустриски капацитети. Економисти велат дека тука има една едноставна логика:
„Европа може да има планови, фондови и проекти, ама ако нема кој да ги изведе на терен, сè стои“.
Готвачите, келнерите, собарките и работниците во хотели и ресторани повторно се меѓу дефицитарните професии. Туризмот се врати силно, но многу луѓе што ја напуштија оваа дејност за време на кризите не се вратија. Работното време е напорно, сезоните знаат да бидат исцрпувачки, а работодавците сè почесто се принудени да бараат луѓе надвор од својата земја.
Недостигаат и возачи. Камионски, автобуски, доставувачи, работници во логистика. Европската трговија, онлајн нарачките и снабдувањето зависат од луѓе што се постојано на пат. Не е лесна работа. Далеку од дома, рокови, гужви, правила, контроли. Но токму затоа има побарувачка.
Покрај овие „раце на терен“, ЕУ бара и високо квалификувани кадри. Инженери, ИТ-специјалисти, експерти за сајбер-безбедност, техничари за обновлива енергија, машински и електроинженери. Зелената транзиција отвора нови позиции, особено во енергетиката, соларните системи, електромрежите и индустриската автоматизација. Европските извештаи предупредуваат дека демографските промени и зелената транзиција дополнително ќе го зголемат недостигот во дел од овие професии.
Но не значи дека секој што ќе спакува куфер веднаш ќе најде работа. Пазарот е шарен. Во една земја некоја професија е дефицитарна, во друга веќе има премногу луѓе. Европските служби наведуваат дека истовремено постојат и недостиг и вишок работници, зависно од државата и занимањето. Во 24 земји се бележат вишоци во одредени професии, додека 29 земји пријавуваат недостиг во други.
„Најголема грешка е човек да тргне само по приказна од комшија. Треба да провери каде точно се бара неговата струка, каков јазик се бара, дали треба лиценца, дали дипломата се признава и колку реално чини животот таму“, предупредуваат економистите.
Податоците на Евростат покажуваат дека во четвртиот квартал од 2025 година во ЕУ биле слободни околу 2 проценти од работните места, додека во еврозоната 2,2 проценти. Највисока стапка на слободни работни места имала Холандија, со 3,9 проценти.
За работниците од Балканот, ова значи дека шансите постојат, ама најмногу за оние што имаат занает, искуство, јазик и реални очекувања. Европа бара луѓе. Само не ги бара сите подеднакво. Некого го чека канцеларија, некого болнички ходник, некого кујна, скеле, камион или работилница. И тука, најчесто, почнува вистинската селекција.
Б.З.М.



