Децата не знаат што е инфлација. Не знаат што значи индекс на трошоци, потрошувачка кошничка, раст на цени или пад на куповна моќ. Не знаат ни зошто мајката пред каса ја враќа чоколадата на полица, ниту зошто таткото вели „не денеска“ кога ќе побараат сокче по играње.
Ама ја чувствуваат. Ја чувствуваат во погледот кон витрината со кифли. Во молкот кога ќе прашаат дали може нови патики, а одговорот не доаѓа веднаш. Ја чувствуваат во тоа што викендот веќе не е ист како порано, роденденот е поскромен, а прошетката завршува без сладолед.
За возрасните, инфлацијата е бројка. За децата, таа е одложена желба.
Во многу семејства, малите трошоци први паѓаат од списокот. Не затоа што родителите не сакаат. Напротив. Токму затоа што сакаат да ги заштитат децата, најчесто прво сечат од она што изгледа „неважно“. Сокче од продавница, кифла после градинка, играчка од 150 денари, лижавче, нова маица што не е неопходна, прошетка со такси кога врне, роденденски подарок за другарче од училиште.
На хартија, тоа се ситници. Во детскиот свет, тоа се големи работи.
„Не му објаснувам дека е скапо. Само му велам дека ќе купиме другпат. Ама и тој веќе знае дека тоа другпат не доаѓа толку брзо“, вели една мајка на две деца, која признава дека најтешко ѝ паѓа кога мора да одбие нешто што до вчера било нормално.
Таа не зборува за луксуз. Не зборува за скапи одмори, приватни школи или брендирана облека. Зборува за обични детски моменти. За петок попладне со сок и грицки. За нова топка. За тетратка со омилениот лик. За патики кога старите веќе се излижани, ама „ќе потраат уште малку“.
Токму тука инфлацијата најсилно удира во семејниот живот. Не секогаш како драматичен банкрот, туку како секојдневно намалување на просторот за радост. Сѐ уште има леб. Сѐ уште има ручек. Сметките некако се плаќаат. Но меѓу преживувањето и нормалниот живот има разлика. А таа разлика децата ја гледаат, иако не умеат да ја кажат.
Познавачите на семејните буџети велат дека домаќинствата најчесто прво ги кратат токму трошоците за „мали задоволства“. Таквите трошоци не изгледаат неопходни, па лесно се бришат. Но кога се бришат постојано, животот станува тесен. Особено за децата.
„Детето не разбира економска криза, но разбира кога другарите купуваат ужинка, а тоа носи само сендвич од дома. Разбира кога сите одат на роденден со подарок, а родителот се мисли дали да купи нешто поевтино. Разбира кога му се кажува почекај, ќе видиме, нема сега“, објаснуваат социолозите.
И тука не е проблемот во сендвичот од дома. Ниту во поевтиниот подарок. Проблемот е во чувството дека изборот станува сѐ помал. Дека детството се претвора во постојана пресметка. Дека секое барање мора да помине низ семејната математика.
Во продавница, сцената е позната. Детето зема нешто од полица. Родителот ја гледа цената. Потоа следува тивко враќање назад. Понекогаш со објаснување, понекогаш без. Некогаш со нервоза, зашто и родителот е уморен од тоа што мора да биде строг за работи за кои не сака да биде строг.
„Не е проблем да му кажеш не еднаш. Проблем е кога секој ден треба да му кажуваш не. На крај почнуваш да се лутиш на себе, не на детето“, вели еден татко, кој работи за плата со која, како што објаснува, „месецот секогаш има повеќе денови отколку пари“.
Децата го чувствуваат и расположението дома. Кога родителите шепотат за сметки. Кога се брои колку останало до плата. Кога се одложува купување на јакна, поправка на велосипед, запишување на активност. Кога се бира меѓу школски прибор и нешто друго. Тие можеби не ја разбираат тежината на разговорот, но ја чувствуваат атмосферата.
А таа атмосфера станува дел од растењето.
Некои родители се обидуваат да го претворат штедењето во игра. Наместо купечки сок, носат вода од дома. Наместо кифла, домашен сендвич. Наместо игротека, парк. Наместо нова играчка, старата се поправа. Тоа не е погрешно. Напротив, има и воспитна вредност. Децата треба да научат дека не може сѐ веднаш, дека парите не паѓаат од небо, дека желбите се мерат.
Но има разлика меѓу воспитување и немаштија. Разлика меѓу здраво ограничување и постојано откажување.
Аналитичарите предупредуваат дека токму средната и пониската средна класа најчесто се најмногу притиснати од ваквиот животен трошок. Тоа се семејства кои работат, земаат плата, не се формално сиромашни, но немаат простор за грешка. Една повисока сметка за струја, еден расипан апарат, едно боледување, еден кредит, и целата рамнотежа паѓа.
Во таква реалност, детските потреби стануваат предмет на преговарање.
„Ќе купиме на попуст“. „Ќе почекаме до плата“. „Имаш дома слично“. „Не можеме секој ден“.
Овие реченици ги слушаат илјадници деца. Некои реагираат со плач. Некои со лутина. Некои престануваат да бараат. Тоа последното понекогаш најмногу боли.
Зашто кога дете ќе престане да бара, тоа не секогаш значи дека разбрало. Понекогаш значи дека се навикнало да не очекува.
Б.З.М.



