Владите можеби се склони да го зајакнат својот притисок врз монетарните власти, но зачувувањето на независноста на централните банки е уште поважно во сè попредизвикувачкиот глобален поредок, изјави претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
Цитирајќи го Наполеон Бонапарта, кој ја основал француската централна банка во 1800-та година и, години подоцна, како што растеле потребите на државата, постепено ѝ ја одзел независноста што ѝ ја дал, Французинката рече дека „токму ова искушение веројатно ќе се интензивира во наредниот период“.
„Во свет каде што условите стануваат сè потешки, предизвикот повеќе не е само да се одржи правната независност, туку пред сè да се зачува довербата неопходна за нејзино остварување“, рече Лагард.
Зборувајќи на конференција во Пном Пен, Камбоџа, таа додаде дека „лекцијата од историјата е јасна: потребно е време за да се изгради доверба, но потребен е само момент за да се изгуби“.
Загриженоста за заканите за независноста на централните банки се интензивираше поради растечкиот политички притисок врз монетарните власти низ целиот свет. Во Соединетите Американски Држави, кандидатот на Доналд Трамп, Кевин Ворш, штотуку ја презеде функцијата претседател на Федералните резерви поради притисокот од претседателот да ги намали каматните стапки. Во исто време, војната меѓу САД и Израел во Иран ја забрзува инфлацијата во Соединетите Американски Држави.
Иако автономијата на ЕЦБ е загарантирана во договорот на Европската унија (ЕУ), некои финансиери стравуваат дека политичкото мешање би можело да ја ослабне и нејзината способност да ја исполни својата посветеност на стабилноста на цените. Членката на Извршниот одбор, Изабел Шнабел, неодамна предупреди на ризикот од „тивка ерозија“ на независноста преку фискална и финансиска доминација.
Кристин Лагард во четврток изјави дека „де факто независноста“ се влошила во текот на изминатата деценија кај речиси половина од централните банки во земјите кои сочинуваат 75 проценти од светскиот бруто домашен производ (БДП).
Таа, исто така, нагласи дека околината за централните банкари станува сè понеповолна – шоковите во понудата стануваат сè почести, фискалните притисоци се зголемуваат, а довербата во јавните институции се намалува.
Во вакви промени, довербата станува клучна, рече Лагард, која веројатно ќе предложи зголемување на каматната стапка на состанокот на ЕЦБ на 10-ти и 11-ти јуни.
„Токму кога одлуките за монетарната политика се политички чувствителни и економски скапи, довербата е најпотребна. И тогаш е најтешко да се одржи“, рече таа.
Таа наведе три практични услови кои се чинат неопходни за одржување на независноста: јасност на целите, директна комуникација со граѓаните и зачувување на просторот за маневрирање на монетарната политика.
„Оваа слобода зависи пред сè од фискалната одговорност: правните рамки не можат да ја заштитат независноста на централната банка кога фискалните траектории стануваат неодржливи“, рече Лагард.



