ПочетнаАВТОБИЗ„Југо“ се враќа на голема врата? Легендарниот автомобил би можел да чини...

„Југо“ се враќа на голема врата? Легендарниот автомобил би можел да чини само 12.000 евра (ФОТО/ВИДЕО)

Легендарното „Југо“, автомобилот што обележа една цела ера на југословенската автоиндустрија, повторно е во центарот на вниманието.

По рендерите и дизајнерските најави кои минатата година предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи и во автомобилските кругови, сега сè почесто се зборува за поконкретен проект – мало, практично и достапно возило наменето за луѓе на кои не им е потребен луксуз, туку едноставен и функционален автомобил.

Зад идејата стои Александар Бјелиќ, српски претприемач кој живее во Германија и ги поседува правата на името „Yugo“. Неговата цел, според најавите, не е само да ја разбуди носталгијата, туку да создаде автомобил што ќе биде одговор на сè поскапите модели и сè покомплицираните технологии што за многумина стануваат недостижни.

Еден од деталите што најмногу привлече внимание е планираната цена. Европските автомобилски медиуми пренесуваат дека новото „Југо“ би можело да чини околу 12.000 евра, што би го направило еден од најевтините нови автомобили на европскиот пазар.

Сепак, засега станува збор за проектирана цена, а не за конечна бројка. Колку навистина ќе чини автомобилот ќе зависи од производството, добавувачите, технологијата и од тоа дали проектот ќе стигне до сериско производство.

Според најновите информации, новото „Југо“ нема да биде класичен бензинец, но ниту целосно електричен автомобил што се полни на станици.

Планот е да добие хибриден погон со таканаречена „range-extender“ технологија. Тоа значи дека моторот со внатрешно согорување би служел како генератор за производство на електрична енергија, додека самиот автомобил би се движел на електричен погон.

Според најавите, системот нема да бара класично полнење со кабел, а ќе може да користи различни видови гориво.

Особено внимание привлече и најавената потрошувачка – во идеални услови се споменуваат само 2,2 литри на 100 километри. Токму овој податок предизвика интерес кај западните медиуми, кои го гледаат проектот како обид за создавање мал, економичен и практичен автомобил за секојдневно користење.

Според претходните најави, првиот функционален прототип би требало да биде претставен во 2027-ма година на EXPO изложбата во Белград.

Се очекува тогаш да биде прикажано возило во возна состојба, што би било прв сериозен чекор од идеја кон вистински автомобил.

Иако интересот за проектот расте, сè уште нема конечна потврда дали новото „Југо“ навистина ќе влезе во сериско производство и каде би се произведувало.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП