Кога европската економија забавува, ефектите многу брзо се чувствуваат и кај нас. Тоа не е изненадување ако се има предвид колку домашната економија зависи од европскиот пазар, преку извозот, индустриското производство, автомобилската индустрија и синџирите на снабдување. Затоа, денес прашањето не е дали европското забавување ќе има ефект врз нашата економија, туку преку кој канал последиците најбрзо ќе се пренесат: преку помал извоз, намалени нарачки, повнимателни инвестиции или посилен притисок врз компаниите.
Европа во период на слаб раст
Европската економија веќе подолг период бележи слаб раст, високи трошоци и зголемена неизвесност. Проекциите на Европската комисија за 2026 година упатуваат на раст на еврозоната од околу 1%, а на Европската Унија на ниво меѓу 1% до 1,2%, што е многу скромно за економии од тој обем.
Најголемиот проблем за Македонија е што Германија, нашиот најважен трговски партнер, веќе подолг период се соочува со економска слабост. По две години стагнација, германската економија и понатаму бележи скромен раст, а индустријата е под силен притисок од високите цени на енергија, послабата побарувачка и падот на конкурентноста.
Особено е погоден автомобилскиот сектор, кој е клучен и за голем дел од македонската индустрија. Во последниот период, повеќе германски компании од автомобилската индустрија, меѓу кои и Volkswagen, Bosch и Thyssenkrupp, најавија значително намалување на бројот на вработени. Тоа јасно покажува дека притисокот во овој сектор е сериозен и веројатно ќе трае подолго.
За македонските компании ова не е далечен настан, туку реалност, со која се соочуваат во секојдневното работење. Кога германските фабрики произведуваат помалку и ги намалуваат нарачките, тоа многу брзо се чувствува и во работењето на домашните компании.
Колку Македонија е изложена на европското забавување?
Нашата економија е силно врзана за европскиот пазар, и по обем и по структура на извозот. Европската Унија е убедливо најважниот трговски партнер на земјата. Отприлика три четвртини од македонскиот извоз завршуваат на европскиот пазар, а само Германија учествува со околу 40% од вкупниот извоз.
Дополнителен проблем е што македонскиот извоз е силно концентриран, и по пазари и по индустрии. Голем дел од домашното производство е поврзано со автомобилската индустрија, кабловските системи и друго индустриско производство за европските компании. Тоа значи дека нашите најважни извозни сектори се токму во сегментите каде што ударот во Европа е најсилен.
Под притисок е и текстилната индустрија, која со години претставува важен дел од македонскиот извоз и вработеноста. Во услови на намалена куповна моќ, европските потрошувачи купуваат помалку облека, а компаниите стануваат многу повнимателни со нарачките.
Кога европската економија забавува, тоа за компаниите не значи само помал извоз, туку и многу поостра конкуренција. Во услови на слаб раст, европските компании стануваат попресметливи со цените, бараат пониски трошоци и поголема ефикасност, а купувачите подолго преговараат за условите, роковите и цените.
За македонските компании ова претставува сериозен тест за конкурентноста. Во вакви услови, повеќе не е доволно да се понуди само пониска цена. Се поважни стануваат продуктивноста, организацијата, логистиката, квалитетот и сигурноста во испораките.
Особено ранливи се малите и средните компании. Нивниот проблем не е само намалената побарувачка, туку и способноста да издржат подолги рокови на наплата, поскапо финансирање и притисок врз профитните маржи. Кога европските клиенти ги намалуваат или одложуваат нарачките, малите компании не губат само приход, туку многу брзо се соочуваат и со проблеми на ликвидност.
Дополнителен притисок создаваат и новите европски стандарди поврзани со зелената транзиција и технолошката модернизација. Компаниите што извезуваат во ЕУ ќе мора се повеќе да инвестираат во енергетска ефикасност, автоматизација и поодржливо производство, доколку сакаат да останат конкурентни на европскиот пазар. Во исто време, европските компании забрзано вложуваат во дигитализација и вештачка интелигенција, со цел да ги намалат трошоците и да ја зголемат продуктивноста. Тоа значи дека моделот заснован само на евтина работна сила станува се понеодржлив.
На што компаниите треба најмногу да внимаваат?
Во вакви економски услови, македонските компании ќе треба многу повеќе да размислуваат за сопствената отпорност и способност за адаптација. Периодот што следи најверојатно ќе биде период на послаб раст, повнимателни инвестиции и посилна конкуренција на европскиот пазар.
Еден од најголемите ризици е преголемата зависност од ограничен број извозни пазари. Компаниите што најголемиот дел од приходите го остваруваат на мал број пазари стануваат многу почувствителни на секое забавување на европската економија. Затоа, диверзификацијата повеќе не е само стратегија за раст, туку и механизам за намалување на ризикот.
Во исто време, се поважно станува и прашањето колку домашните компании зависат од европската побарувачка и од индустрии што моментално се под притисок. Токму затоа, многу компании ќе мора постепено да размислуваат и за нови пазари и партнерства надвор од традиционалните европски центри, особено во региони што бележат повисок економски раст.
Дополнително, во услови на намалени нарачки, подолги рокови на наплата и поскапо финансирање, ликвидноста повторно станува едно од најважните прашања. Оние што немаат доволно финансиски резерви и флексибилност, многу потешко ќе можат да се справат со евентуално подолг период на економско забавување.
Новите услови бараат нов начин на размислување
Европското забавување не треба да се сфати како краткорочен проблем што едноставно ќе помине, туку како сигнал дека глобалната економија влегува во период на поголема неизвесност и посилна конкуренција. Во такви услови, старите модели на функционирање се потешко ќе носат стабилен раст.
Компаниите што ќе успеат да се адаптираат побрзо, преку поголема продуктивност, технолошка модернизација, енергетска ефикасност и подобра организација, ќе имаат многу подобра позиција во периодот што следи. Истовремено, диверзификацијата на извозните пазари станува се поважна, бидејќи преголемата зависност од ограничен број пазари создава дополнителна ранливост во периоди на економско забавување.
Конкурентноста во иднина се помалку ќе зависи од ниските трошоци, а се повеќе од квалитетот, флексибилноста, брзината на адаптација и способноста компаниите навреме да одговорат на промените. Европа можеби забавува, но глобалната конкуренција не успорува. Токму затоа, за македонските компании ова не е период за пасивно чекање, туку момент кога ќе мора да размислуваат постратешки, подолгорочно и многу пофокусирано на сопствената отпорност и конкурентност.
Проф.д-р Весна Георгиева Свртинов



