Русија продолжува да ги продава своите златни резерви за да го покрие буџетскиот дефицит, а нивното ниво нагло се намалува на најниско ниво од 2022-ра година, според податоците на централната банка на кои се повикува „Bloomberg“.
Од почетокот на годината, резервите се намалија за 900 илјади тројански унци на 73,9 милиони тројански унци.
До неодамна, руската централна банка беше најголемиот суверен купувач на злато во светот, купувајќи речиси целото злато ископано во земјата, пишува и „Bloomberg“. Оваа традиција беше прекината на почетокот на 2020-та година, а две години подоцна централната банка вети дека ќе го откупи целото злато што не можеше да се извезе поради западните санкции. Но, институцијата никогаш не ја исполни оваа обврска.

Од почетокот на годината, Русија почна да продава злато за да го покрие буџетскиот дефицит по намалените приходи од трговијата со нафта.
Приходите од нафта се зголемуваат, но Русија не може да има корист
Според проценките на аналитичарите во април, приходите од трговијата со нафта ќе се зголемат за 39% на годишно ниво во мај и ќе достигнат 700 милијарди рубли (околу 9,8 милијарди долари). Цената на сортата Урал се искачи на нешто помалку од 100 долари за барел, односно многу блиску до референтната цена на Брент, поради војната во Иран и делумното укинување на санкциите врз руската нафта од страна на САД. Во Русија постои правило дека кога цената на нафтата на меѓународните пазари е повисока, нафтените компании добиваат субвенции за да ја одржат ниска цената на горивото на домашните пазари. Ова исто така ги намалува приходите на државната каса од скапа нафта.
Доколку се потврдат податоците за мај, тоа значи дека во споредба со април, приходите од нафта ќе се намалат за 17 проценти. Пресметките исто така покажуваат дека од почетокот на годината, приходите од нафта и природен гас се намалиле за една третина на 3 трилиони рубли (42 милијарди долари).
Официјалните податоци од Министерството за финансии покажаа дека до крајот на април, рускиот буџетски дефицит се зголемил за уште 1 трилион рубљи и сега изнесува 5,8 трилиони рубљи.
Според проценките на воените аналитичари од Институтот за проучување на војната (ISW), нападите на украинските беспилотни летала од летото 2025-та година предизвикале долгорочна штета, бидејќи Русија има тешкотии да најде резервни делови поради санкциите.
Ситуацијата се влоши од март, кога украинските беспилотни летала станаа поефикасни во оштетувањето на руските нафтени постројки. Според различни проценки, сите клучни рафинерии во централна Русија се оштетени и или го намалиле производството или целосно престанале да работат.
Во однос на приходите од природен гас, состојбата на „Газпром“ се влошува и Управниот одбор не препорачува распределба на дивиденди за 2025-та година. Одлуката влијае и на буџетските приходи, бидејќи главен акционер во компанијата е државата.



