„Commerzbank“ ги повика инвеститорите да ја отфрлат понудата на „UniCredit“ за преземање на германскиот заемодавател бидејќи е прениска во однос на реалната пазарна проценка на компанијата. Ова дополнително ги влошува тензиите во 19-месечната сага околу преземањето на „Commerzbank“.
„’UniCredit’ не нуди соодветна премија за нашите акционери“, изјави извршната директорка на „Commerzbank“, Бетина Орлоп.
Компанијата е отворена за разговори доколку „UniCredit“ ја зголеми својата понуда и презентира стратегија за комбинираната компанија што „се гради врз силните страни“ на нејзиниот бизнис модел, додадоа од германската банка.
Сегашните предлози на „UniCredit“ за комбинираната компанија „би имале огромно влијание“ врз нејзиното работење, се вели во соопштението на „Commerzbank“.
„UniCredit“ нуди 0,485 сопствени акции за секоја акција на својот германски конкурент, вреднувајќи ја на приближно 37 милијарди евра. Пазарната вредност на „Commerzbank“ беше околу 39 милијарди евра на крајот од минатата недела.
Извршниот директор на „UniCredit“, Андреа Орсел, кој отворено се обидува да ја купи „Commerzbank“ од септември 2024-та година, објави формална понуда за преземање во март во обид да го прошири присуството на својата компанија во најголемата економија во Европа. Понудата беше доставена до инвеститорите во „Commerzbank“ претходно овој месец и важи до 16-ти јуни.
„Commerzbank“ постојано ги критикуваше тактиките на „UniCredit“ и ја обвини италијанската банка дека се обидува да ја намали својата проценка. Германската влада, вториот најголем инвеститор во „Commerzbank“ со удел од околу 12%, од самиот почеток беше категорично против договорот.
Предложената цена на „UniCredit“ останува под пазарната вредност на „Commerzbank“. Орсел понуди опција за зголемување на понудата доколку има силен интерес на инвеститорите или преговори со „Commerzbank“.
Според најновото регулаторно поднесување, „UniCredit“ моментално поседува околу 27% од „Commerzbank“ преку директни акции и контролира уште 12% од правата на глас преку деривати.
Се очекуваше „Commerzbank“ да ја отфрли понудата.
Орлоп и Орсел разговараа за понудата претходно оваа година, но состаноците завршија со несогласувања и на крајот го продлабочија јазот меѓу двете банки. „UniCredit“ изјави дека преземањето ќе ја подобри профитабилноста на „Commerzbank“ со значително намалување на трошоците, додека германскиот заемодавател ги отфрли предлозите како нереални и рече дека тие ќе доведат до губење на приходи.
„Commerzbank“ ја обвини „UniCredit“ дека користи „погрешни“ изјави во стратешките предлози што ги даде за германската банка.
„UniCredit“ неточно ги проценува загубите на приходи, потенцијалот за заштеда на трошоци и трошоците за реструктуирање, како и времето потребно за спроведување на планираните мерки“, соопшти „Commerzbank“.
„Ова особено се однесува на планираните намалувања на персоналот на „UniCredit“, сложената ИТ интеграција и загубите на приходи што произлегуваат од преклопувањата во бизнисот со корпоративни клиенти“, велат од банката.
Секое обновување на преговорите со „UniCredit“ би барало доверба, соопшти „Commerzbank“. Според банката, оваа доверба е „сериозно поткопана“ од „некоординираното однесување на италијанскиот заемодавач и неговите постојано лажни комуникации“.



