Викендот за многумина е одмор, ама за македонските работници често е само уште една смена. Според податоците на Евростат, 32 проценти од работниците во Македонија работат за време на викендите, со што земјата влегува меѓу европските држави каде саботата и неделата најчесто не значат слободни денови.
На европско ниво, 21.3 проценти од вработените редовно работат во сабота и недела, покажуваат податоците за 2025 година.
Зад оваа бројка не стои само статистика. Стојат касиерки што бројат сметки во недела попладне, келнери што работат додека другите ручаат со семејството, возачи, обезбедувачи, пекари, работници во маркети, бензински пумпи, молови, фабрики, хотели, ресторани. За едни викендот е време за прошетка. За други е најтешката смена во неделата.
Економистите велат дека ваквата слика не е изненадување за земја во која голем дел од работните места се врзани за услуги, трговија, угостителство, транспорт и нископлатени сектори.
Сабота се работи речиси нормално, а недела, иако законски е прогласена за ден за неделен одмор со исклучоци, во пракса и понатаму останува работен ден за илјадници луѓе.
Според европските податоци, работата за викенд е најчеста кај услужните и продажните работници, каде речиси половина од вработените се соочуваат со ваков распоред. Висока е и кај земјоделците, шумарските и рибарските работници, како и кај лицата со поедноставни занимања. Тоа ја објаснува и македонската бројка. Кај нас токму овие професии се голем дел од реалниот пазар на труд.
Познавачи на пазарот на трудот посочуваат дека проблемот не е само дали некој работи во сабота или недела, туку под кои услови работи. Дали има додаток на плата? Дали добива слободен ден? Дали распоредот му се кажува навреме? Дали има избор или мора да прифати, затоа што платата и онака е мала?
Во Македонија многу работници не го гледаат викендот како право, туку како можност да земат уште некој денар. Тоа е најтешкиот дел од приказната.
Економистите предупредуваат дека честата работа за викенд има цена што не се гледа веднаш во платниот список. Се плаќа со замор, со помалку време за семејството, со нарушен ритам на живот, со помалку одмор и поголем ризик од исцрпеност. Особено кај луѓето што работат и смени и викенди, работната недела практично нема јасен крај.
Работодавачите, од друга страна, често тврдат дека пазарот го бара тоа. Маркетите мора да бидат отворени, кафулињата и рестораните најмногу заработуваат за викенд, производството има рокови, туристичките места живеат токму во сабота и недела. Тоа е дел од економијата. Но прашањето е дали таа економија може да функционира без работникот постојано да биде ставен на последно место.
Законските решенија за недела како неработен ден донесоа промена, но не ја затворија темата. Исклучоците се бројни, а контролата останува клучна. Ако некој мора да работи во недела, тогаш тоа треба да биде платено како што треба и да биде надоместено со слободен ден. Без „ќе видиме“, без договори на збор, без притисоци.
Со 32 проценти работници што работат за време на викендите, Македонија добива јасна слика за својот пазар на труд.
Б.З.М.



