Инвеститорите веќе не доаѓаат само затоа што некоја држава има слободна зона, евтина работна сила и убава презентација во хотелска сала. Тоа го имаат речиси сите. Србија нуди голем пазар и силна државна поддршка. Албанија се продава како земја во брз подем, со море, туризам и градежен бум. Косово игра на млада работна сила. Црна Гора на локација, услуги и пристап до регионални пазари. БиХ, и покрај политичката сложеност, има индустриска традиција и работници кои знаат занает.
А Македонија?
Македонија со години се обидува да се позиционира како добра дестинација за странски инвестиции. Имаше фабрики, индустриски зони, субвенции, вработувања, извоз. Тоа не е малку. Но конкуренцијата околу нас повеќе не спие. Сите научија да нудат даночни олеснувања. Сите зборуваат за брзи процедури. Сите имаат агенции, министри, презентации, економски форуми и ветувања дека „вратата е отворена“.
Само што инвеститорите одамна не гледаат само во отворена врата. Гледаат што има зад неа.
„Повеќе не е доволно да кажеш дека имаш евтина работна сила. Тоа беше аргумент пред десет или петнаесет години. Денес инвеститорот прашува дали ќе најде луѓе, дали ќе може брзо да добие дозвола, дали струјата ќе му биде стабилна, дали царината ќе функционира и дали правилата нема да се сменат преку ноќ“, велат познавачи на инвестициските политики.
Токму тука Македонија мора да си ја среди приказната. Не за пред камери, туку за реален пазар.
Ако адутот е локацијата, тогаш треба да се каже јасно: земја на крстопат меѓу Србија, Грција, Бугарија, Албанија и Косово, со пристап кон европски пазари и со можност производот брзо да стигне до повеќе правци. Но локацијата сама по себе не носи инвестиција. Патот мора да биде добар. Железницата мора да работи.
Ако адутот е трошокот, тогаш и тоа мора да биде прецизно. Колку чини работник? Колку чини земјиште? Колку чини приклучок? Колку чини еден месец чекање? Тука често се крие најскапиот дел. Не во платата, туку во времето.
Еден домашен бизнисмен кој соработувал со странски партнери го објаснува тоа вака:
„Инвеститорот не се плаши само од висок трошок. Се плаши од непознат трошок. Денес му велиш едно, по три месеци излегува друго. Тоа ги брка луѓето“.
Македонија може да биде конкурентна ако државата конечно сфати дека брзината е економска предност. Не декларативна, туку секојдневна. Дозвола што се добива за 15 дена наместо за шест месеци е подобра реклама од сто конференции. Инспекција што не доаѓа како закана, туку како систем, е предност. Еден шалтер што навистина завршува работа вреди повеќе од цела стратегија напишана на 80 страници.
„На инвеститорите им треба предвидливост. Не мора секогаш да добијат најголема субвенција. Понекогаш им е поважно да знаат дека правилата ќе важат и утре, дека договореното ќе се почитува и дека нема секој нов директор да им ја толкува процедурата од почеток“, коментираат економските аналитичари.
Македонија има уште еден можен адут: кадарот. Но и тука приказната не смее да биде лажирана. Да, има добри инженери, техничари, мајстори, ИТ-луѓе, работници што брзо учат. Но има и иселување, недостиг на стручни профили, слаба врска меѓу училиштата и индустријата, и млади кои не сакаат да работат за плата што не покрива нормален живот.
Затоа прашањето не е само дали имаме кадар, туку дали знаеме да го задржиме.
Инвеститор што ќе дојде во Македонија не бара само евтини раце. Бара луѓе што ќе можат да работат со машини, стандарди, рокови и технологија. Ако државата сака фабрики со поголема додадена вредност, тогаш мора да произведува и таков кадар. Средните стручни училишта, факултетите, праксата во компании, преквалификациите – тоа не се споредни теми. Тоа е економска инфраструктура.
Има и уште нешто што ретко се кажува директно: странските инвеститори зборуваат меѓу себе. Еден ако поминал лошо со дозволи, со парцела, со струја, со суд, со локална власт или со непишани правила, тоа не останува во фиока. Се прераскажува. Брзо.
„Најдобра промоција е задоволен инвеститор што ќе каже дека тука му било лесно да работи. Најлоша промоција е инвеститор што ќе каже дека сè било убаво до моментот кога требало нешто навистина да се заврши“, велат познавачи на регионот.
Затоа битката за инвестиции на Балканот не е само битка за пониски даноци. Тоа е битка за доверба.
Македонија не мора да биде најголема. Не може ни да биде. Не може да се мери со Србија по големина на пазар, ниту со Албанија и Црна Гора по море, ниту со Косово по демографска младост. Но може да биде поедноставна, побрза, појасна и попредвидлива.
Б.З.М.



