Прво не се гледа ништо драматично. Сметките не доцнат многу, фрижидерот не е празен, децата одат на училиште, автомобилот сè уште се вози. Однадвор, семејството изгледа како да „се снаоѓа“. Но дома веќе се случува нешто друго: се вади нешто од страна, се троши заштеденото, се зема позајмица од близок, се оди во минус на картичка, се одложува една сметка за да се плати друга.
Така почнува финансискиот проблем кај многу домаќинства. Не со банкрот преку ноќ, туку со тивко топење на резервите.
Британскиот „Гардијан“ пишува дека милиони домаќинства во Велика Британија посегнуваат по заштеди или позајмици за да ги покријат основните трошоци. Тоа е важен сигнал, затоа што покажува дека кризата не се гледа само преку бројките за плати, инфлација или потрошувачка кошничка. Се гледа и преку тоа што луѓето прават зад затворена врата кога платата веќе не стигнува.
А тоа не е далеку од македонското секојдневие.
Кај нас ретко кој ќе каже дека е пред финансиски ѕид. Почесто ќе рече: „Ќе се снајдеме некако“. Тоа „некако“ најчесто значи позајмица од родител, брат, сестра, пријател. Значи продавање злато што стоело дома со години. Значи земање потрошувачки кредит за да се затвори стар долг. Значи минус на картичка кој од привремена помош станува постојана состојба.
Економистите предупредуваат дека токму ова е најопасниот дел од кризата кај домаќинствата, затоа што не се гледа веднаш во статистиката. Човек сè уште купува, ама веќе не купува од реален приход, туку од резерва. Семејството сè уште плаќа сметки, ама не затоа што има доволно, туку затоа што го одложило нешто друго. Сè уште нема официјален проблем, ама притисокот веќе влегол дома.
Во Македонија ова особено се чувствува кај семејствата со една просечна плата, кај пензионерите што помагаат деца и внуци, кај младите што плаќаат кирија, кај самохраните родители и кај луѓето со кредити. Една поскапа поправка на автомобил, лекување, школски трошоци или повисока сметка може да го растури целиот месечен план.
А планот најчесто е веќе тенок.
Познавaчи на банкарскиот сектор велат дека проблемот не е само во висината на платите, туку и во тоа што многу домаќинства немаат вистинска заштитна мрежа. Немаат пари за три месеци живот, немаат фонд за итни случаи, немаат резерва ако некој остане без работа. Сè оди од први до први. Понекогаш и од картичка до картичка.
Во таква ситуација, секое поскапување боли повеќе. Храната, струјата, горивото, лековите, киријата, ратите за кредити. Ако порано семејството можело да тргне нешто настрана, сега тоа „настрана“ често се враќа назад во месечниот трошок. Денес од штедната книшка, утре од кредитната картичка, задутре од роднина.
И така, проблемот се одложува. Не се решава.
Економисти со кои често разговараат медиумите објаснуваат дека ова е класичен знак на ослабена куповна моќ. Кога луѓето почнуваат да ги користат заштедите за редовни трошоци, тоа значи дека приходите не го следат реалниот животен трошок. Не станува збор за луксузирање. Не станува збор за патувања, ресторани или нов телевизор. Станува збор за храна, сметки, превоз, лекови и рати.
Тука е и психолошкиот товар. Многумина не сакаат да признаат дека се во проблем. Срам им е да кажат дека позајмиле пари. Срам им е да кажат дека го продале златото од свадба. Срам им е да кажат дека платата исчезнува за десет дена. Па молчат.
А молчењето им одговара на сите, освен на тие што живеат со него.
Кај нас уште постои силна семејна амортизација. Родителите помагаат деца, децата помагаат родители, брат му позајмува на брат, баба плаќа сметка за внук. Тоа ја држи сликата постабилна отколку што навистина е. Но и таа резерва не е бескрајна. Пензиите не можат вечно да бидат дополнителна плата за цело семејство. Роднинските позајмици не можат вечно да бидат замена за повисоки приходи.
Затоа економистите велат дека треба повнимателно да се гледаат не само платите, туку и задолженоста, доцнењето со обврски, користењето дозволен минус, потрошувачките кредити и падот на малите заштеди. Тие податоци често покажуваат повеќе од општата слика дека „потрошувачката се држи“.
Се држи, ама на што?
Ако едно семејство плаќа храна со картичка, сметка со позајмица, кредит со нов кредит и лекови од заштедено злато, тоа формално уште функционира. Но суштински, веќе е во црвено. Само што тоа црвено не секогаш се гледа на прв поглед.
И тука е најголемата опасност. Потрошувачите не паѓаат одеднаш. Прво ги трошат малите резерви. Потоа ги трошат семејните резерви. Потоа влегуваат во долг. А кога долгот ќе стане редовен начин на преживување, тогаш веќе не зборуваме за кратка криза, туку за живот на раб.
Б.З.М.



