Земјоделците од Македонија реагираат на како што велат неконтролираниот увоз на земјоделски производи, како од растително така и од животинско потекло.
Според Националната земјоделска мрежа, политичарите со сите сили се обидуваат да ги убедат дека не постои законска можност да си го заштитиме домашното земјоделско производство, но земјоделците сакаат да укажат на нивните манипулации на штета токму на земјоделците, и во наредниот период велат дека остро ќе се спротивстават на овие уништувачки политики спрема нас земјоделците.
Националната земјоделска мрежа се повика на ЦЕФТА договорот кој предвидува неколку клучни заштитни механизми кои земјите членки можат да ги активираат доколку слободната трговија предизвика сериозни нарушувања на домашниот пазар. Според нив ова се најважните механизми дефинирани во договорот: Општи заштитни мерки која е и најчесто користениот механизам. Една земја членка може да воведе привремени мерки како зголемување на царините или воведување квоти но само доколку увозот на одреден производ е драстично зголемен.
„Тој увоз му нанесува сериозна штета на домашното производство или се заканува да предизвика големи нарушувања во одреден сектор на економијата. Се појават тешкотии кои би можеле да доведат до сериозно влошување на економската состојба на некој регион“, пишува во документот на ЦЕФТА.
Како специјални заштитни мерки за земјоделството, земјоделците ги наведуваат посебните мерки за заштита на земјоделските производи. Доколку увозот на одредени култури ги загрозува домашните фармери или ги урива цените под одржливото ниво, државата има право да побара консултации и да примени заштитни царини. Дополнително, тука се и Анти-дампинг мерките.
„Доколку една земја извезува производи по цени кои се пониски од нивната реална вредност (или пониски од цените на нивниот домашен пазар) со цел да ја уништи конкуренцијата во друга земја, оштетената страна може да воведе анти-дампинг давачки по претходно спроведена истрага“, стои во докоментот.
Компензаторни мерки пак земјоделците велат дека се насочени против производи кои се субвенционирани од државата од каде што доаѓаат. Доколку тие субвенции му даваат неправедна предност на извозникот и му штетат на домашното производство на земјата увозничка, таа може да воведе дополнителни давачки за да ја неутрализира таа предност. Мерките за рамнотежа на плаќањата според ЦЕФТА правилата велат дека доколку една земја се соочи со сериозни тешкотии во својот платен биланс, односно има недостиг на девизи или критичен пад на резервите во тој случај, таа може привремено да го ограничи увозот. Овие мерки мора да бидат пропорционални и временски ограничени.
Земјоделците сега порачуваат дека овие мерки се спроведуваат така што прво треба ЦЕФТА да биде известена, потоа земјата мора да го извести Заедничкиот комитет на ЦЕФТА за намерата да воведе мерки. Потоа се бара решение преку дијалог за да се избегне трговска војна. И на крајот сите заштитни мерки мора да бидат привремени и да се укинуваат штом ќе престане причината за нивното воведување.
И.П



