Европската унија донесе прва Стратегија против сиромаштијата. Ваквиот документ е важен и за Македонија. Активистите од земјава сметаат дека тоа претставува сеопфатна рамка чија крајна цел е искоренување на сиромаштијата во ЕУ до 2050 година, со среднорочна цел за намалување на бројот на луѓе во ризик од сиромаштија за 15 милиони до 2030 година.
Таа не е само документ за социјална помош, туку економска стратегија за зајакнување на човечкиот капитал, која истовремено се фокусира на прекинување на меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија преку инвестирање во децата и младите, обезбедувајќи достоинствен живот за оние кои не можат да работат.
Овие информации ги споделија од Македонската платформа за борба против сиромаштијата. Билјана Дуковска која со години ја води оваа невладина организација чија цел е намалување на бројот на граѓани кои живеат во сиромаштија вели дека оваа стратегија да биде видлива и препознаена и во процесот на пристап за земјите кандидатки. Дуковска имала средба со Роксана Минзату, извршната потпретседателка на Европската комисија, заедно со раководството на Европската мрежа против сиромаштијата на која се разговарало за зајакнување на ставовите и предлозите и што се треба да содржи ЕУ Стратегијата против сиромаштија базирани на претходно подготвен документ.
Дуковска вели дека се повторија барањата за системско и координирано учество на лицата со искуство во сиромаштија и потребата да се гледа на нејзината мултидимензионалност, важноста од алокација на доволно финансии и меѓусебната синхронизација на другите политики, неопходноста од преточување на стратегијата во национални и локални планови против сиромаштија и поставување на соодветни индикатори за следење.
„И тука некаде, дојде мојата улога, да бидам гласот на Европејците кои живеат во земји кои не се ЕУ членки. Ние не смееме да бидеме изоставени од најважниот документ на ЕУ кој во фокусот го има искоренувањето на сиромаштијата! Граѓаните на овие земји не смеат да бидат оставени сами на себе да се справуваат со предизвиците кои ги носи сиромаштијата!
Мојот предлогот е да се отиде и чекор понатаму, па оваа стратегија да биде видлива и препознаена и во процесот на пристап за земите кандидатки. Владите на овие земји мора да ја следат имплементацијата на Стратегијата и да креираат свои стратегии, документи, програми и политики како дел од предпристапниот пакет за членството во ЕУ! Процесите на пристап и преговори за членството во ЕУ треба да го земат овој документ во предвид иако нема да е обврзувачки за нив, но треба да им биде водич и монитор за земјите кандидатки, да се проверуваат што прават во насока на искоренување на сиромаштијата и да се насочуваат, но и поддржуваат како да постигнат повеќе“, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа која се бори против сиромаштијата.
Документот нагласува дека сиромаштијата има различно лице во различни фази од животот.
Детска сиромаштија: Наместо само социјална помош, фокусот мора да биде на Европската гаранција за деца.
Македонија треба да обезбеди бесплатен и загарантиран пристап до клучни услуги: здрава исхрана во училиштата, квалитетно образование и здравствена заштита за секое дете во ризик.
Млади или Младинска гаранција: Интензивирање на поддршката за транзиција од образование кон работа. Предлогот е создавање на „локални хабови“ за менторство и советување кои ќе ги поврзат младите со пазарот на труд во првите 4 месеци по завршување на школувањето.
Активно стареење: Обезбедување на адекватен приход за старите лица и пристап до долготрајна нега, со оглед на демографското стареење на населението. ЕУ стратегијата смета дека квалитетното вработување е најдобрата заштита од сиромаштија.
Индивидуален пристап: Наместо масовни мерки, воведување на персонализирани патеки за активација на долгорочно невработените лица.
Поддршка за самохрани родители: Документот посочува дека самохраните мајки се во најголем ризик над 46% во ЕУ.
Македонската стратегија мора да вклучи субвенционирано чување деца и флексибилни работни ангажмани за оваа категорија.
И.П



