Гумите се единствената врска меѓу автомобилот и асфалтот. Сè друго може да е ново, скапо, моќно, но ако гумата е истрошена, приказната завршува на првата кривина. И токму затоа, прашањето колку траат не е само финансиско, туку и безбедносно.
Одговорот не е едноставен. Некои возачи ќе поминат 60.000 километри со ист сет, други едвај ќе стигнат до 30.000. Разликата не е случајна.
Во просек, летните гуми траат од три до пет сезони, додека зимските нешто помалку, особено ако се возат на сув асфалт. Но бројките често лажат. Повеќе значи како се вози, отколку колку се вози.
Еден искусен вулканизер ќе ни каже кратко:
„Гумата се троши од десната нога“. И тука нема многу филозофија. Нагло тргнување, силно кочење, агресивно влегување во кривини – сето тоа буквално ја „јаде“ гумата. Посебно кај потешки возила или кај возачи што сакаат да „почувствуваат сила“.
Но не е само стилот на возење.
Притисокот во гумите е тивок убиец. Премал притисок значи поголема површина на триење и побрзо абење од страните. Преголем притисок – абење во средината. И двете варијанти водат до исто: пократок век и полошо држење на патот. А реалноста е дека многумина проверуваат притисок еднаш на неколку месеци. Или кога ќе се запали ламбичката.
Има и друга работа што често се игнорира – геометријата на тркалата. Ако автомобилот „влече“ лево или десно, ако воланот не стои право, гумите страдаат. Нерамномерно, брзо… Возачот мисли дека сè е во ред, а по неколку месеци гледа дека едната гума е веќе за фрлање.
Познавачите предупредуваат и на стареењето. Дури и ако не се возат многу, гумите стареат. Гумата се стврднува, губи еластичност, а со тоа и држење. Пет години е некоја неформална граница по која треба сериозно да се размисли за замена, без разлика на шарата.
И тука доаѓа една грешка што многумина ја прават – гледаат само дали има „шарка“. Да, законски минимум е околу 1.6 милиметри, но реалноста е поинаква. Под 3 милиметри, особено на дожд, гумата веќе губи значително од перформансите. А тоа не се гледа со око, се чувствува кога ќе биде предоцна.
Како да се продолжи животот?
Не бара магија. Само малку дисциплина.
Редовна проверка на притисок, барем еднаш месечно. Ротација на гумите на секои 10.000 до 15.000 километри, за да се трошат рамномерно. Балансирање и проверка на геометрија, особено по удар во дупка или рабник. И можеби најважно – смирено возење. Не мора секој семафор да биде почеток на трка.
Има и уште нешто што ретко се спомнува. Чувањето. Ако имаш втор сет гуми, важно е како се складираат. Темно, суво место, без директно сонце и топлина. Во спротивно, стареењето се забрзува, па дури и нови гуми може да изгледаат добро, а да се веќе „уморни“.
На крајот, гумите не се место за штедење по секоја цена. Да, разликата во цена постои. Но разликата во кочење, во држење на пат, во реакција на дожд – тоа е она што прави разлика меѓу контрола и проблем.
А кога ќе дојде моментот да ги смениш, обично доаѓа без најава. Еден поглед, една пукнатина, едно лизгање во кривина… и ти станува јасно. Не вреди да се чека уште „малку“.
Б.З.М.



