Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека земјите ги менуваат своите навики за купување нафта со тоа што ја набавуваат од САД, во услови на војна со Иран.
Зборувајќи од Овалната соба, Трамп тврдеше дека глобалните купувачи сфаќаат дека американската нафта е „побезбедна“ и со „повисок квалитет“.
Трамп ги опиша моменталните цени на нафтата од околу 102 долари за барел како „многу мала цена што треба да се плати“ за преземање мерки против нуклеарната програма на Иран. Тој ги критикуваше претходните администрации што не дејствувале повеќе од 47 години.
Тој предвиде дека цените на бензинот на крајот ќе паднат дополнително и покрај краткорочните прекини.
Тој истакна дека САД достигнале рекордни бројки на берзата и покрај „малата престрелка“.
„Денес достигнавме рекордно високо ниво на берзата, и покрај таа мала престрелка. Јас го нарекувам престрелка затоа што Иран нема шанси. Тие никогаш немале. Тие го знаат тоа. Можете да го видитетоа кога разговарам со нив. Потоа се појавуваат на телевизија и велат колку добро им оди“, рече тој.
Американските акции пораснаа по падот на цените на нафтата
На отворањето на американските берзи, имаше зголемување на вредноста на акциите, по падот на цените на нафтата и неочекувано добрите резултати на компаниите што го ублажија влијанието на тензиите на Блискиот Исток.
Акциониот индекс Dow Jones порасна за 0,3 проценти, или околу 150 поени, S&P 500 за 0,7 проценти, а Nasdaq за 1,0 проценти, објави CNBC.
Состојбата на берзите беше под влијание на падот на американската сурова нафта WTI за три проценти, на малку над 102 долари за барел, како и на меѓународната референтна цена на нафтата Брент, која е поевтина за два проценти и сега чини над 111 долари за барел.
Ова се случи и покрај континуираните тензии меѓу САД и Иран во Ормутскиот теснец.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изјави дека прекинот на огнот меѓу двете земји се почитува и дека два американски комерцијални брода безбедно поминале низ теснецот во придружба на американски воени бродови.
Растот на берзите беше дополнително стимулиран од подобрите квартални извештаи на големите компании.
Акциите на „Фајзер“ малку пораснаа откако фармацевтската група објави подобри од очекуваните резултати и ги потврди годишните прогнози.
Американско-белгискиот производител на пијалоци и пиво „Анхојзер-Буш ИнБев“ забележа скок на пазарната вредност за осум проценти по позитивниот квартален извештај.
Од друга страна, акциите на „Палантир Технолоџис“ паднаа за 3 проценти и покрај зголемувањето на приходите и зголемувањето на годишните деловни прогнози.
Инвеститорите продолжуваат да го следат развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, по извештаите за нови инциденти во Ормутскиот теснец, што предизвикаа пораст на цените на нафтата и пад на акциите на американскиот пазар претходниот ден.



