Денес, просечната плата во Македонија од 748 евра едвај ги покрива основните потреби, а едноставната пресметка покажува колку инфлацијата го „изела“ стандардот. Според пресметките, четиричлено семејство кое би јадело само бурек и јогурт би трошело околу 720 евра месечно, односно речиси целата своја заработка. Ова е поедноставен пример кој не ја одразува вистинската потрошувачка кошничка, туку служи како илустрација за тоа колку порастот на цените на основните производи влијаел на куповната моќ.
Доколку едно четиричлено семејство во Македонија би се обидело да се прехранува исклучиво со бурек и јогурт, просечната плата од 748 евра би била сериозен тест, веќе на ниво на основна математика, но и како прецизен показател за тоа колку инфлацијата го „изела“ животниот стандард.
Денес, еден четврт бурек и јогурт чини околу 2 евра. За четиричлено семејство, тоа е 8 евра дневно. На месечна основа, со само еден оброк дневно, трошокот достигнува 240 евра.
Ова е поедноставен пример кој не ја одразува вистинската потрошувачка кошничка, туку служи како илустрација за тоа колку порастот на цените на основните производи влијаел врз куповната моќ на граѓаните.
Веќе на ова ниво, јасно е дека дури и исклучително скромна исхрана – еден оброк дневно „одзема“ речиси една третина од просечната плата.
Сепак, сликата станува уште подраматична кога ќе се земат предвид реалните потреби. Доколку секој член од семејството имал три такви оброци дневно, дневниот трошок се искачува на 24 евра, односно околу 720 евра месечно. Со други зборови, речиси целата просечна плата би се трошела само на бурек и јогурт, без простор за други трошоци – сметки, превоз, образование итн.
Но, оваа пресметка има целосна смисла само кога ќе се спореди со периодот од пред неколку години.
Не толку одамна, бурекот чинеше околу 1 евро, додека денес неговата цена практично се дуплираше, додека растот на платите не го следеше истото темпо. Во пракса, ова значи дека граѓаните денес можат да купат значително помалку за истата плата, дури и кога станува збор за наједноставните производи.
Овој пример, иако поедноставен, точно ја прикажува суштината на инфлацискиот притисок. Растот на цените на храната, особено на основните и секојдневните производи, е многу побрз од растот на платите. Затоа падот на животниот стандард е видлив не само преку статистиката, туку и преку секојдневните одлуки на граѓаните – што да се купи и колку често.
Особен проблем е што просечната плата не ја одразува реалната слика на мнозинството вработени. Голем број граѓани работат во трговскиот и услужниот сектор, кој вработува најмногу луѓе, каде што приходите се поблиску до минималната отколку просечната плата. Притисокот од зголемувањето на цените за повеќето домаќинства е уште поизразен отколку што покажува просекот.
Во таква средина, дури и оваа поедноставена пресметка покажува колку е тешко да се одржи основно ниво на потрошувачка. Бидејќи додека просекот сугерира дека е можно да се „покријат“ трошоците, реалноста на повеќето граѓани го кажува спротивното.
Затоа прашањето повеќе не е колку чини еден бурек, туку колку вреди една плата.



