ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција на прво место, ама не како порано

Грција на прво место, ама не како порано

Резервациите тргнаа уште во февруари. Некои веќе платиле, други уште „вртат“ по сајтови и групи, чекаат попуст, чекаат последен момент. Едно е сигурно – Македонците и ова лето нема да се откажат од море, ама ќе го бираат попаметно, покалкулирано, со калкулатор в рака и нерви на тенко.

Грција останува прв избор. Ништо ново, ама има разлика во тоа како се оди. Ако порано само се резервираше апартман, сега се гледа секој детал – дали има паркинг, дали плажата е блиску, дали има маркет со нормални цени. Халкидики и понатаму е класика, особено првиот крак, каде што за три часа си на плажа. Но, сè повеќе луѓе се спуштаат и подолу, кон Лептокарија, Паралија или дури и Олимпик Бич, каде што цените се пониски, а понудата солидна.

Агенциите велат дека има зголемен интерес за all inclusive аранжмани, нешто што порано не беше толку популарно кај нас. Причината е едноставна – кога еднаш ќе платиш, барем знаеш на што си. Нема секојдневно пресметување колку чинел ручекот, кафето или сладоледот за дете. Плаќаш однапред и тамам. Мир во глава.

Турција повторно се враќа во игра. Не толку поради луксузот, туку поради математиката. Кога ќе се соберат трошоците за пат, сместување и храна во Грција, често излегува дека Турција со авион е слична, а понекогаш и поевтина варијанта. Особено за семејства со деца. Таму барем знаеш дека нема да доплаќаш за секоја ситница.

Албанија тивко, ама сигурно си го гради местото. Драч, Валона, Саранда – сè почесто се слушаат во разговори. Цените се пониски, морето е чисто, а патот не е страшен. Познавачите велат дека Албанија е избор за оние што сакаат нешто поразлично, без гужва како во Грција, ама и без премногу луксуз.

Црна Гора, пак, останува за оние што сакаат комбинација од море и град. Будва, Котор, Херцег Нови – убави, ама не баш евтини. Таму одамна не се оди „на евтино“. Повеќе е за атмосфера, за прошетки, за ноќен живот. И за оние што сакаат да кажат дека биле таму.

Има и една нова појава што се забележува – сè повеќе луѓе одат на кратки одмори, по три до пет дена, наместо класичните десет. Наместо едно долго летување, прават две или три пократки. Малку Грција, малку викенд во Албанија, па можеби и едно брзо бегство до Охрид. Не затоа што сакаат така, туку затоа што така им излегува.

Се штеди и на ситници. Се носи храна од дома. Се бара апартман со кујна. Се избегнуваат ресторани секој ден. Експертите за туризам велат дека ова е новиот модел на однесување – луѓето не се откажуваат од одмор, ама го прилагодуваат според џебот. И не само според џебот, туку и според нервите.

Интересно е што сè повеќе Македонци сами си организираат патувања. Резервации преку интернет, споредби на цени, читање рецензии до доцна во ноќ. Агенциите и понатаму имаат клиенти, ама веќе не се единствен избор. Луѓето сакаат контрола. Сакаат сами да си го склопат одморот.

И на крај, има една слика што се повторува секое лето. Автомобил натоварен до горе, дете што прашува „уште колку има“, пауза на бензинска, кафе на нога и поглед кон патот што води кон море. Не е важно дали е Грција, Турција или Албанија. Важно е да се стигне. Да се исклучи мозок барем неколку дена.

Море ќе има. Прашањето е само како ќе се стигне до него. И колку ќе чини таа приказна ова лето.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП