Денеска, 30 април 2026 година, Центарот за граѓански комуникации ги објави препораките за подобрување на финансиските трансфери од Владата за инфраструктурни проекти на општините за обезбедување фер, одржливо, транспарентно и предвидливо финансирање на локалниот развој.
Препораките произлегуваат од неодамнешното истражување на владините трансфери за инфраструктурни проекти во општините во пресрет на последните локални избори кое покажа слабости во планирањето, распределбата и јавните набавки за овие проекти. Оттука, се препорачува:
Да се ревидираат и да се засилат правилата за заштита на јавните ресурси во предизборните периоди, со воведување на поригорозни правила за трошење и за промовирање јавни проекти.
Изградбата и подобрувањето на локалната инфраструктура треба да се заснова врз предвидлива политика и стратешко, повеќегодишно планирање и трошење според среднорочна буџетска рамка – независно од изборните циклуси.
Повеќегодишните проекти треба да имаат обезбедено стабилно и обврзувачко финансирање, со цел намалување на ризиците за одолговлекување и незавршување на проектите и загрозување на финансискиот кредибилитет на општините.
Да се гарантираат еднаков пристап и правична распределба на средствата за сите општини и жители, земајќи ги предвид и индикаторите за регионална, развојна и социјална рамнотежа.
„Развојноста“ на проектите треба да се вреднува според нивното реално влијание, одржливоста и социо-економските ефекти, а не само според времетраењето на финансирањето.
Да се зголеми транспарентноста за доделувањето и за спроведување на проектите, преку јавно објавување на оценките од евалуацијата на проектите, на причините за прифаќање и за одбивање на апликациите, одобрените, договорените и исплатените износи, напредокот во реализацијата, спроведувањето на јавните набавки за проектите и ревизорските извештаи.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на [email protected].
Проектот „Фер трошење за фер избори: Следење на јавните набавки на општините во изборната година“ спроведуван од Центарот за граѓански комуникации. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на соопштението е единствена одговорност на спроведувачот на проектот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.



