ПочетнаКОМПАНИИБАНКИСилни перформанси на Комерцијална банка за првиот квартал

Силни перформанси на Комерцијална банка за првиот квартал

Комерцијална банка АД Скопје за периодот од 01.01. до 31.03.2026 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.455,8 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.416,5 милиони денари, што претставува зголемување за 2,8 %.

Како што велат од Банката, планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 115,4 %. Позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на зголемени ризици од надворешното окружување и зголемена неизвесност и непредвидливост предизвикана од избувнувањето на најновиот воен конфликт на Блискиот Исток, што предизвика значително нарушување на снабдувањето со нафта во светот и раст на цените на енергенсите, со реална можност за понатамошни неповолни движења на истите, како и пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи, вклучително и во рамки на домашната економија.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 7,5 % повисока во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред
исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи, нетоприходи од провизии и зголемените нето-приходи од камати.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.154,8 милиони денари и бележат зголемување од 6,4 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 2,1% во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 102,0 %. Приходите по основ на камата бележат зголемување за 3,2 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголеменото вложување во државни хартии од вредност. Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани. Расходите по основ на камата бележат зголемување од 10,8 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,65 % на крајот од првиот квартал од минатата година, на 3,45 % на 31.03.2026 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2026 година изнесуваат 384,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 14,9 % како резултат на зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 128,3 %.

Нето-приходите од курсни разлики на 31.03.2026 година изнесуваат 97,5 милиони денари и бележат намалување од 13,9 % во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 107,1 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2026 година изнесуваат 158,9 милиони денари и бележат зголемување од 82,1 % во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради зголемен износ на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања. Планот е остварен со 63,9 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 31.03.2026 година изнесуваат 573,1 милион денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 3,6 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 76,9 %.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.03.2026 година изнесува 125,9 милиони денари и бележи зголемување од 152,9 % во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 49,8 милиони денари. Зголемувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на промената на ризичната категорија кај одредени клиенти на Банката – правни лица. Ваквата промена е вградена во планските проекции за 2026 година, така што планот за трите месеци е остварен со 83,0%.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП