Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска направија увид во активностите за реконструкција и модернизација на еден од најзначајните културни симболи на градот Скопје – Универзалната сала.
Министерот Љутков информираше дека постапката за избор на изведувач е успешно завршена, а со тоа се создадени сите услови за започнување на градежните работи.
„Проектот ќе се реализира по принципот ’клуч на рака‘, а завршувањето на реконструкцијата е планирано до декември 2027 година. Овој проект е од исклучително значење и во контекст на подготовките на Скопје за Европска престолнина на културата 2028. Со новиот лик на Универзалната сала, градот ќе добие современа, функционална и репрезентативна културна институција – простор за врвни концерти, театарски претстави, фестивали и големи културни настани. Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, во нашите уметници, во нашата публика и во генерациите што доаѓаат“, изјави Љутков.
“Јас немам што повеќе да додадам од тоа што го кажаа и градоначалникот и министерот. Очекувам во рамките на рокот да биде завршен овој објект бидејќи проектот „Европска престолнина на културата“ после сите оние застои во минатото, конечно добива на некаква динамика, а мораме до 2028 комплетно да ги затвориме сите објекти. Така што еден од тие објекти е и овој позади нас. Јас сум благодарен од мое име, од името на граѓаните на Градот Скопје што овој објект после сите оние перипетии од минатото ќе добие некаква физиономија. Според она што го видов и што го презентираше проектантот ќе биде навистина прекрасно дело. Па ајде да не зборуваме што се вели пред време, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани коишто тука ќе се организираат. Би сакал да се заблагодарам на министерот, на министерството, на градоначалникот, на сите оние коишто учествуваа во подготовката на овој проект, после сите ќе повторам перипетии од минатото и се надевам дека во рамките на предвидениот рок и во рамките на предвидениот буџет ќе биде овој објект завршен”, изјави премиерот Христијан Мицкоски.



