Профитот на фармацевтската компанија „Sanofi“ во првиот квартал ги надмина очекувањата на аналитичарите, објави „Bloomberg“.
Ова е добра вест за новиот извршен директор Белен Гарихо, кој ќе се соочи со предизвикот да го оживее портфолиото на нови лекови на компанијата.
Заработката по акција изнесуваше 1,88 евра, што е над просечната прогноза од 1,78 евра по акција од страна на економистите анкетирани од „Bloomberg“. Продажбата, исто така, ги засени очекувањата, достигнувајќи 10,5 милијарди евра наспроти прогнозата од 10,2 милијарди евра.
Приходите од најпродаваниот производ на компанијата – лекот за кожни болести и астма „Dupixent“ – продолжија силно да растат, зголемувајќи се за 31% на 4,2 милијарди евра. Фармацевтската компанија ја потврди својата прогноза за годината, вклучувајќи го и растот на продажбата во едноцифрена бројка.
Белен Гарихо од „Merck KGaA“, поранешна виша извршна директорка во „Sanofi“ и една од ретките жени на врвот на фармацевтската индустрија, ќе се приклучи на компанијата подоцна овој месец откако поранешниот извршен директор Пол Хадсон беше разрешен во февруари поради тоа што не успеа доволно брзо да пласира нови лекови на пазарот.
„Sanofi“ се соочува со истекување на патентот за „Dupixent“ на почетокот на следната деценија и сè уште не изградила кредибилен план за замена на приходите од лекот.
За време на нејзиниот мандат, Хадсон се обиде да го поттикне истражувањето и развојот, насочувајќи повеќе пари во научните проекти на компанијата. Но, дополнителното финансирање не ги даде очекуваните резултати. Во меѓувреме, серија мешани и негативни резултати од клиничките испитувања влијаеја на акциите на компанијата, кои паднаа за околу 13% во последните 12 месеци.
Инвеститорите велат дека најголемиот предизвик на Гарихо ќе биде подобрувањето на продуктивноста во истражувањето. Пред да се приклучи на „Merck“ во 2011-та година, таа работеше 15 години во „Sanofi“, каде што ја водеше и интеграцијата на специјализираната единица „Genzyme“.
„L`Oreal“, најголемиот акционер на „Sanofi“, одигра клучна улога во отстранувањето на Пол Хадсон и изборот на неговиот наследник, објави и „Bloomberg“.



