Турскиот парламент усвои закон со кој се забранува користењето на социјалните мрежи од страна на лица под 15 години, објави турската новинска агенција Анадолу.
Лицата под 15 години нема да можат да отвораат сметки на социјалните мрежи, а дигиталните платформи ќе мора да имплементираат системи за верификација на возраста.
Родителите ќе имаат алатки за контрола на времето поминато пред екран, а во „случаи на итност“ главните платформи на социјалните медиуми ќе мора да интервенираат во рок од еден час од ширењето на штетна содржина.
Законот стапува на сила шест месеци по објавувањето во службеното гласило, објавува Анадолу.
Неколку земји дебатираат за забрана на пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години. Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела ги повика младите да имаат „ден без интернет“ месечно за да можат повторно да го откријат читањето или спортот, односно „виталноста на реалниот живот“, пред европскиот „координативен“ состанок за забрана на социјалните мрежи за лица под 15 години, објави АФП.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и лидерите на 12 земји-членки на ЕУ – Германија, Австрија, Кипар, Шпанија, Грција, Ирска, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Чешка и Словенија – разговараа за слично ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи минатата недела.



